Јованка Кепеска: Македонските идентитетски прашања, Македоника литера (во печат)
Предговор
На овие страници ги пренесувам сознанијата од моите теориски и практични истражувања во социјалната теорија на идентитетските прашања на народите и на македонскиот народ. Со ваква проблематика објавив повеќе книги, приопштив прилози на научни собири но се огласив и во јавните гласила. Во овој специфичен историски момент од развојот на македонскиот народ и на неговата идентитетска одбрана, со претставувањето на постигнатите сознанија оваа книга се вклучува во напорите да се надминуваат дилемите за мноштвото прашања и приоди во неговата идентитетска одбрана. Што, со оглед на мојата животна вокација, го сметам како должност и, како моја внатрешна потреба.
Април, 2026 година
aвторот,
ВОВЕД
Публицистичките трудови со општествена проблематика, оформени во книга, се ретки во Македонија. Но, тие имаат извонредна вредност во актуелизирањето на темите од актуелното живеење, укажувајќи на проблемите и трагајќи и за нивното разрешување врз научна осознаеност и имајќи ја и релацијата со политиката.
Со опфатените теми ја одржуваат будна јавната свест, информирајќи, предочувајќи и решенија и очекувајќи реакција од носителите на општествените задолженија за предложените заложби да се остварат.
Непрецизно определените термини истовремено упатуваат на погрешни сознанија за постанокот и континуитетот на идентитетот на нашиот народ.
Дотолку повеќе што на народот потребно е да се гледа целовито. Оттаму само од аспект на една наука, па дури ниту преку збројување на сознанијата од различните науки одговорот што е народот не е целовит. Притоа по гледањето на народот одвоено од неговото дејствување, филозофски останува неприфатлив (според хрватскиот филозоф Вања Сутлиќ), став. Да не го заобиколуваме притоа и пристапот за односот на народот и јазикот што Крсте Мисирков го елаборира. Односно, кај Круме Кепески, за кого македонскиот јазик е духовност, и дека ја изразува духовноста ина македонскиот народ определувајќи го патот на развојот на македонскиот литературен јазик.
За настанувањето на македонскиот народ разлики се јавуваат во некои од приодите и во филологијата, и во историјата, и во етнологијата, и во филозофијата. Неодамна, од етнолог се апсолутизира ставот дека во раните 9 и 10 век, постојат само племиња; во историско-лингвистичките приоди широко е застапена тезата дека постои само македонска редакција на словенскиот јазик; во историјата дека во османлискиот период населението постои само во административно-верски форми. Притоа занемарувајќи ги согледувањата на Крсте Мисирков за создавањето на првиот книжевен јазик врз говорите на македонските племиња и дека со создавањето на азбуката е отворен патот на книжевното творештво, народот да создава писменост, Како и според најзначајните други слависти.
Извадок од книгата:
Неопходна е новата идејност
Надминувањето на ориентациите во идејната сфера кои ја создаваат дезориентацијата и го кочат нужниот приод за соответна организација и во производствената сфера, и за општеството во целост, е неопходно за научно-технолошкиот развој. Претходно постоечките идејни ориентации стојат наспроти новиот пристап кон животот за сечиј развој и придонес на индивидуата за да учествува во економскот живот и во општествените процеси врз наука.
Опстоечкиот од минатото историски материјализам создава редукционизам. Таква идејна рамка, меѓутоа, претпоставува економскиот детерминизам, оцелотворен во теоријата на одразот, со што се оневозможува придонесот на субјектот. Појдувајќи од поставката дека сî е предодредено и дека ништо не може, субјективно, со сознание, да се надраснува. А ние во реалноста сеуште остануваме заробени во состојбата сî за да остане непроменливо
Нема критички однос кон идејноста на времето кога можело тешко да се опстојува во партиски и државно предодреденото гледање. И, покрај тоа што и надвор од идеологизираниот пристап имаше постигнувања, сепак, ја немаше општата плодотворност и реална престижност на творците, и можноста поединецот да опстојува на својот пат со придонес и признателност.
Не е вреднуван придонесот и значењето и угледот на одделни творци. што, од своја страна, денес, додатно влијае и во пристапот кон актуелниот развој во творештвото. Особено во сферата на националната проблематика. А токму јавната и отворена дебата за овие аспекти не смее да се превиди. Како што и, со реален научен приод, можеа да се избегнат и штетните национални решенија при донесувањето на договорите со соседните држави.
Иако, отсуството на критичкото надминување на приодите во идејната сфера се појавуваат и во научната сфера. Многу застранувања и ќе се одбегнеа ако имавме научна дебата за многуте аспекти од националната проблематика за „едно општество за сите“, за Преспанскиот договор, за договорот за пријателство со Бугарија и за многу други општествени односи и нивната институционализација.
Кога се повикува на единство во политичка смисла, затоа потребно е да се има предвид дека, ако опстанат старите идејни разлики, ефектите на развојот ќе останат ограничени. А, чуму, тогаш, опстојувањето на разликите кои се „идеолошки“ додека единството може да се постигне со надминувањето на идеолошките разлики единствено врз научниот именител. Односно, врз научните.
Јасно е дека причините за отпорот кон општествената и теоретската дебата, се најдуваат поради минатото. Отпорот кон општествената мисла се јавува поради тоа што во социјализмот таа беше схоластична и догматска. Поради што се создаде отпор кон теоретска расправа, воопшто. Третирајќи ја ја општествената мисла и како ненаучна.
Се случи, во нашата општествена стварност одговорот на општествените прашања исклучително да се изведува од позитивизмот на правните науки. И покрај тоа што правните решенија во рамките на ЕУ се изведени врз најдобрата филозофска и социјална мисла.
Би требало опстојувањето на филозофски или идејни позиции од минатото да се напушти бидејќи таквите гледања претставуваат рудиментирани гледања што се појавиле покрај опстоечките гледања во филозофијата со широко значење и со кои се надградуваат и разрешуваат средишните филозофски проблеми но суштински се определува самиот актуелен развојот.




