Јованка КЕПЕСКА

Македонското општество по АСНОМ брзо се трансформира со првиот Устав на Федеративна Народна Република Југославија, од јануари, 1946 година, и со трансформацијата на најголем дел од сопственоста во државна и со што се зајакнува неговата социјалистичката основа.

Неспорно е притоа дека ослободувањето на Македонија настанува како резултат на Народно ослободителната борба на целиот македонски народ а предводен од КПМ.

Како што е факт дека, во првиот период, во периодот на Демократска Федеративна Југославија, иако кратко, остануваат граѓанските определби на општествениот систем, што го претпоставува и разновидниот политички приод, чиј резултат е преодната југословенска граѓанска и комунистичка влада за да се постигне полесно меѓународно признавањето на (привремената) држава.

Тоа е периодот кога опстојува малосопственичката приватна сопственост. Оттаму и заложбите на Ченто за опстојба на малата приватна сопственост.

Особено во овој период е понагласена определбата за поизразена македонска државна и национална самостојност. Така, во пост АСНОМ-скиот период се преземени политички припреми за македонска војска. На пример, во декември, 1944 година, во артилеријата решени се командите на македонски јазик.

Многу брзо, во самиот почеток од 1945 година, покрај тоа што отпочнува забрзано да се реализира комунистичкиот карактер на федерацијата, се зајакнува и ценрализацијата на федералната држава така што претходните  поставки почнуваат да отпаѓаат како што има реперкусии и врз други национални одлуки кои, исто така, епотребно да се протолкуваат.

Во по АСНОМ-ска Македонија, се јавува рестриктивен однос кон придонесот во културната револуција на широко вклучената интелигенција – чиј дел и со граѓанска определба, или без формален пристап кон КП, како поддршка на АСНОМ–ските определби за слободна Македонија дури и со директно учество во ослободување и изградбата на земјата. Па, културниот и државен развој на повоена Македонија отпочнува, оттаму, со АСНОМ-ските определби, широко, граѓански.

Во културниот развиток на Македонија, во пост АСНОМ-скиот период, оттаму се појавуваат двата пристапа со оглед на што се определува и значењето и позицијата на личностите – творците во општеството.

Имено, хуманистичката интелигенцијата која ги остваруваше културните активности во поасномскиот период, за да се оствари посебноста на македонскиот народ појдуваше од природно-правниот приод. Еднакво застапен во науката како и во културата. Појдовната премиса е антрополошка. Дека како поединци припаѓаме на народ, и во нацијата која што, следствено, произлегува од народот и ја развива народната посебност. Со прераснувањето на народот во нација, науката и уметноста, како обележја на нацијата, ја продлабочуваат идентификацијата на народот и ја овозможуваат самоидентификацијата на поединците.

Приод кој е со големи придонеси за македонската култура. А непобитен факт е дека културата на македонскиот народ, продолжително, се остварувала преку народното творештво и дека опстојувала врз народната основа.

За македонска култура заснована врз народната основа, од периодот на првите години на поасномска Македонија, меѓутоа, настанува поимот како за национал-романтичарска. Истоветно, и за интелигенцијата со природноправен приод кон нацијата, која е насловена како национал романтичарска. Претположувајќи го ставот дека културата се создава само врз литературниот јазик со оглед на промовираниот став за определбите на нацијата. И оттаму периодизација во македонската култура и определена дистанца од предсоцијалистичките периоди. Чиј резултат е, може да се рече, негацијата на сознанијата за поминатите историски периоди на македонскиот народ и нивно изоставување во образованието.

Имено, национал романтизмот е термин кој следствено се поврзува како карактеристика на дејците (не само) во културата, и нивниот духовен придонес што се внесува во развојот во првите години на АСНОМ-ска Македонија, означен како нереалистичен, неспроведлив во стварноста иако станува збор за ограда што има идејна основа пред се во различниот пристап кон изградбата на македонската нација. И носителите, доколку и не завршиле трагично, се поставени со своето значење како „втор и трет ешалон“, израз кој, со доза на сарказам, го употреби еден македонски историчар, во општеството.

Имено, во комунистичкото движење, воопшто, а кај нас, со Уставот од 1946 година, националното прашање се смета дека е остварено со прокламираниот политички систем и дека е потребна само понатамошна реална класна разрешница.

Затоа, веќе веднаш, и според социјалистичката промена на општественото уредување во социјалистичко, настануваат промените поради што во по АСНОМ-скиот период културата станува претпоставена и според одликите на општественото уредување.

Постепено, по 1946 година, се одвиваше, врз теоретската основа на историскиот материјализам (материјализмот сведен на три одредби) обдржувана и во наши услови, заедно со социјалистичкиот реализам во уметноста.

Уште подоследно, со оглед на доминантниот, очигледно редукционистички, приод на историскиот материјализам, според кој нацијата е реализирана со устроениот политички систем во повоениот период за да се афирмираат творештвото и дејците што му припаѓаат на историскиот материјализам и неговите поставки дека општественото битие ја определува општествената свест, оддавајќи примарно значење на општествено-економската структура и на класната борба како основни подвижувачки сили. Приодот што во токму во југословенски размери, означен како теорија на одразот, 60-тите години, отфрлен, во Македонија останува доминантно присутен.

Онака како што и се очекува, во расправата потребно е да бидеме ослободени од стегите кои сме ги чувствувале кога се однесувало на прашањата од национален карактер во комунистичкиот период, така што националните прашања нужно е да ги расправиме во целост. Со тоа се гради основата врз која ги воспоставуваме односите спрема нацијата и ги разрешуваме внатрешните односи. Дотолку повеќе што гледањата од минатото опстојуваат. Се наметнуваат како потреба од идејност не навлегувајќи подлабоко во последиците што ги предизвикале гледиштата.

Затоа што отсуството на приодот кон прашањата за нацијата според сфаќањето дека сé е во класното не само што ги потисна туку дури и до 1980- тите години го изостави и самото споменување на националното. Што се отслика и врз релевантен теоретски пристап кон нацијата и критика на историскиот материјализам и онтологискичко застапување (како источен позитивизам). Иако накнадно заместена со теоријата на западниот позитивизам, сведен на право, но не и врз теоријата за односот народ и нација од што произлегуваат односите на нацијата и националните малцинства.

Токму таквата состојба ја отежна политичката ориентација при суштествени политички одлуки донесувани во независна Македонија, сведувајќи ги на правни. По инерција се конципира Рамковниот договор како компромисен и практично политичен, но не и како теориски издржан одговор за разрешувањето на меѓуетничките релации, сходно на регулативата и во ЕУ. Да ги споменеме и штетните ставови заземени при разрешувањето на добрососедските односи и друго.

Расправата за ставовите и за реализацијата на македонските национални прашања, почнувајќи, од по АСНОМ-скиот период, не обврзува и во однос на реалната преоценка на придонесот и значењето на поединците, припадниците на македонската интелигенција во културниот (и државниот) развој на Македонија од почетокот на создавањето на македонската држава. Таквите приоди стануваат обврзувачки и за научните, енциклопедиски и политички напори.