На нивната поетска убавина

Родината за Вапцаров

Јованка КЕПЕСКА

Во својата единствена збирка на песни, насловена „Моторни песни“, што самиот мошне внимателно ја конципира, Никола Јонков Вапцаров (1909-1942) го поместува на второ место циклусот „Песни за родината“. Тоа ни говори за жаречкиот интерес на поетот за темата – родна земја, што кај него трајно постои од најраните поетски обиди, до самиот крај. Станува збор за песните „Родината“, „Над тебе Пирин“, „Земјата“, „Песна“, „Си имам родина“, „Хајдучка“, „Елтепска“.

Родолубието во неговото литературно творештво, секако, е емоционално усредсредување но, истовремено, и сериозен проблем. Поетот, лирскиот субјект, кон земјата што ја чувствува како своја, не ѝ поклонува оттаму само првична оддаденост туку и осознаено поимање за нејзината сложеност. Затоа што, навистина, родниот крај е прекрасен, величествен, воодушевува како природа, но тој е и гордост, признателност и драматичност – како што е, впрочем, тоа и во историјата, и како што воедно предизвикува мака и одговорност. А читајќи ги овие песни, ние, не само што се восхитуваме на нивната поетска убавина, туку ја препознаваме апотеозата кон родната земја и во себеси. И како и кај секој човек, таа во нас ја соединува љубовта, гордоста со одговорноста кон сопствената земја.

Додека песната „Си имам родина“ е отвореното признание за воодушувањето како осветлен и радосен дофат на природата и љубовта кон неа, во песната „Хајдушката“, поетот се преотелотворува во бунтовникот кој согласно со сопствените уверувања ќе  „падне чесно и слободно“ за својата земја. Во песната „Елтепска“ преку сетивното сплотување со родната планина во глетката од Елтепе (врвот на Пирин) и вплотувањето во прикажливата река Глазне, поетот го оцртува контрастот помеѓу природната големина и маленкастото, тажно, суштествување на луѓето. А, иако го прикажува взаимното припаѓање на човекот и природата и силата на соединувањето со родната земја, трагедијата за жовека, според него, не е во отдалечувањето од првичното припаѓање на природата и родината, туку во несовршенството на општеството. Среќното соединување на пролетната родна земја одлетува со будењето на болката од страшниот човечки свет. Жеднеењето за убавината, совршенството, се одвива во еден свет на грижи, несправедливости, силни неправди и насилие над родната земја. Поезијата на Вапцаров затоа е поезија на творечкиот човек, а не на пасивната консумација. Не се определува за пасивно покорување на течението на животот туку за творечка активност поради што испејува: „Во бурата ќе бидеме пак со тебе, народе мој…“ Огромните проблеми на општеството го опседнуваат и му ја носат радоста во социјалната реализација на вредностите на слободата човечноста. Според него, навистина, за човечноста може да се мисли и мечтае, да се бара и препознае кај другите, но за слободата, според сопствените разбирања, потребно е да се избори. Вапцаров има самочувство на полновредносното суштествување во големиот свет на човештвото, со својот народ. И во тоа е смислата на жедта за споделување и разбирањето меѓу луѓето и од опонентот и од истомисленикот – читателот.

Кај него конфликт помеѓу социјалното реализирање и личната потреба, нема. Поетот го чува пиететот кон личното иако љубовта кон Бојка не му е никојпат полното посветување. Ни мала илузија нема дека „малиот свет“ би му ја дал целата среќа. Затоа импресионира неговата свртеност кон општото што не е случај за индивидуализмот кој најсилно се изразува според синтеквенцата „простете тие (општите) не се наши работи“, како што би рекол Пастернаковиот Јуриј Живаго, во истоимениот роман.

Ваквиот однос Вапцаров го презема од длабоко всадената социокултурна клима во Банско, во Пиринскиот крај. Тоа е односот што го изградил кон родината како син на бунтовната Македонија, според Илинден. Поетот затоа пее за Македонија од Охрид, Пирин и Егеј; него го мачат теловите (границите, н. з.) на Беласица… Во социјалното дрво на животот на неговата родина постојат сите дејци на Македонија во целост, Гоце Делчев, Јане Сандански… Денес, како видлив показател за духовната клима во Банско, стои своевремено најголемата изградена црква, св Троица, од 1835 год., од граѓанството кое врши отпор против турското ропство. Но и повеќе од 130 архитектонски и историски споменици на културата од средновековието и преродбеничкиот период и повеќето од 100 археолошки наоѓалишта.

А според вистинската мисија на поезијата, за крај, да се внесеме само во ненадмаливите стихови на поетот од неговата песна „Проштално“:

„Понекогаш во твојот сон ќе идам

како неочекуван и несакан гостин.

Не ме оставај ти надвор на патот –

Вратите не ги затворај“.