Јованка КЕПЕСКА

Појавата на македонската граѓанска класа е предуслов за културно-просветната дејност во Македонија а со тоа и за будењето на националната свест на Македонците. Процесот на создавањето на граѓанската класа е поврзан со навлегувањето на македонското население во градовите каде почнува да се занимава со занаетчиство и со  трговија. Слетствено со појавата на граѓанството во Македонија  се јавува и просветителството иако еден век покасно од неговата појава во светски размери на крајот на 17 век, станувајќи предоминантно во 18 век. Познато е дека просветно-културниот живот на христијаните во Македонија се до 19 век се развивал исклучително во рамките на црквата оттаму, на почетокот на 19 век, и првите македонски учители и просветни работници биле свештениците Крчовски, Пејчиновиќ, покрај Јордан Хаџи Константинов – Џинот и Теодосиј Синаитски. Според премисата на просветителството дека со промена на свеста, на сознанието, со човечкиот разум, се менува општеството, и  во Македонија почнуваат, покрај тоа да се градат цркви и манастири, да се развива црковното сликарство и резбарството,  да се отвораат и училишта и печатници. Со што во првата половина на 19 век отпочнува, иако скромна, литературната дејност.

Следствено на процесот на јакнењето на националната свест, во шеесеттите години од 19 век, македонското граѓанство во многу градови од северниот и средниот дел на Македонија отпочнало масовно движење против Цариградската патријаршија како главен спроведувач на грчките аспирации во Македонија. Тоа движење во некои градови во Македонија завршило во 60-тите години со отцепување од Цариградската патријаршија. Бидејќи македонското граѓанство во таа антипатријаршиска борба се ослонувала на јакнењето на бугарското граѓанство кое било во слична ситуација, мора да се укаже и на фактот дека во  60-тите години во Македонија навлегува бугарското културно-национално влијание што во определена мерка негативно влијаело на понатамошниот тек на формирањето на македонската национална свест.

Преродбата во Македонија, чии претставници се Миладиновци, се јавува како консеквентна појава на своето време во кое народите трагаат за континуитетот на својот историски развој, за својата пишана историја, за својот идентитет. Во Македонија преродбата поставувајќи ги сите прашања пред кои стои македонскиот народ во својот развој на националната свест. Трагајќи по свеста за постоењето како народ.

Преродбата во Македонија, чии претставници се Миладиновци, застанува, прво, против денационализаторството, панхеленизмот и политиката на грчката влада. За Миладиновци борбата била усмерена против грчката пропаганда во Македонија пред сé преку образованието. Во таа насока Миладиновци го внесуваат македонскиот народен јазик во наставата, вршат реформа на правописот и на азбуката, собираат народно творештво во сите облици и го презентираат во јавноста и едуцираат наставен кадар. Имаат притоа финансиска подршка од манастирите при што најзастапен е светогорскиот манастир Зограф. А се вклучени игумените Партение Зографски, Иларион, Натанаил Кучевишки.

Оттаму Миладиновци, внесувајќи го својот долг во преродбата, како културно национално будење, претставуваат значаен дел или етапа во создавањето на македонската национална индивидуалност на македонската етничка територија.

Така, Димитар Миладинов (1810-1862) се бори против грчката пропаганда во Македонија иако, според образованието, самиот е припадник на грчката култура. Се заложува за воведување на народните говори во наставата и практика и се грижи за едукација на наставниот кадар преку неуморна коресподенција. Димитар Миладинов ги собира 662 македонски народни песни, објавени од Константин Миладинов (1830- 1862) со помош на Штросмајер. Во Предговорот на Зборникот, Константин Миладинов објаснува за какви песни станува збор и што тие искажуваат. Но, во Зборникот се објавени и верувања, игри, поговорки, преданија, гатанки, народни имиња во рамките на народното творештво од сите делови на Македонија.

А Крсте Мисирков вели: „Народните песни се показалка на степенот од умственото развитие од народот и огледало на неговиот живот. Народот в песни излива чувствата си, в них увековечвит животот ни и давнешните му подвизи, в них находвит душевна храна и развлечение; Затова желба и в радост, на свадба и хоро, на жетва и грозјебранје, на везенје и преденје, на по поле и по гори, штедро изливат песните, како од богат извор; За това можит да се речит, че народот е секогашен и велик и дејќи творецот на творештвото е народот“.

Заклучокот кој може да се извлече е дека народната основа, како корен, е основата за автентичноста и на севкупното творештво на еден народ. Тоа е начинот на кој сите големи народи го создале своето препознатливо творештво. И лежи во основата на развитокот и на македонскиот литературен јазик.

Имајќи предвид дека во словенскиот свет панславизмот и илирското движење претставуваат истовремени паралелни процеси објаснива е сугестијата што на средбата рускиот славист Виктор Иванович Григорович го упатува Димитар Миладинов на ослонување на народните говори како што и помошта што Штросмајер ја пружа за да се објави Зборникот со народните песни без оглед што Зборникот е насловен како зборник на бугарсски народни песни.

Како настојување и правец во културната историја на Македонците, како што и  Крсте Мисирков укажува дека националното осознавање, културната преродба како и основите на литературниот јазик се засниваат врз народниот дух. При што Мисирков објаснува дека во историјата на културниот развиток на македонскиот народ има два периода меѓу кои има и трети, под турската власт, што е период на застој и непреодна стена меѓу нив, а дека – во новиот период на развитокот на националното самосознание иако преродбата настанува врз народниот дух,  врз старата состојба, влегуваат и многу нови начела.

Притоа Мисирков укажува дека навистина „ние, Македонците, постепено и први им се посветуваме на христијанството и на писмото, во исто време кога другите Словени – по нас и набрзина“ „ сега, во времето кога сите православни Словени постепено си изработија свои литературни јазици, свои богати литератури и постепено изработени правописи, ние заостануваме поназад од сите…“ меѓутоа „сега со брзина ќе треба да го разработиме нашиот литературен јазик, да го установиме нашиот правопис и да создадеме една наша литература што ќе им одговара на сите наши потреби“.

Тука треба да се претпостави и општиот историски процес кога во ренесансата во Европа, по раната ренесанса од 11 век, наваму, во Македонија, се создаваат народите и настанува нивната идентификација преку творештво и свест, раното создавање на македонскиот народ.

Раните почетоци на македонскиот јазик и Крсте Мисирков ги потенцира како резултат на овие процеси за да укаже и дека потоа развојот на македонскиот народ, во еден подолг временски период, поради специфичните историски околности е успорен, додека, во меѓувреме, другите словенски народи ја развивале пишаната литература и литературниот јазик.

Најевидентен доказ за почетокот на ренесанста во Македонија е св. Климентовиот универзитет, во 9 и 10 век, со идеата, покрај духовното да внесе светлина, застапувајќи ги научните дисциплини, книжевноста, просветата, воведувајќи го народниот јазик во црковното служење, во преводите и во книжевните творби, што се ренесансни идеи.

Нешто, што  го објаснува различниот карактер на книжевната школа и на црковните книги што се создаваат за потребите на црковната организациија но и што говори за почетоците на автентичноста на македонскиот народ.

Како автор на првата Македонска граматика во 1946 година, Круме Кепески го објаснува непобитниот факт дека таа, всушност, „претставува санкционирање на една веќе објективна јазична ситуација и култура, која што ја создаваа Македонците низ вековите.“ Затоа професорот Круме Кепески постојано назначува дека нашиот јазик е нашата духовност. А нашата духовност се открива, всушност, преку говорот, искажувајќи го на тој начин  идентитетот на народот.