Јованка КЕПЕСКА

Концептот кој, во последно време, го застапува ВМРО-ДПМНЕ, како „општество за сите“, историски, е елабориран како републикански концепт. Граден е врз теоретските поставки на американскиот социолог Талкот Парсонс. Во Македонија се застапува за да се воспостави граѓански концепт на организацијата на општеството.

Во таа смисла, народот и обраќањето кон „народот на Македонија“ ја подразбира позицијата на народот како политички субјект, како граѓани. Со оглед на теоретската основа која произлегува од Талкот Парсонс, и врз која е изведен концептот, организацијата на општеството е потребно да ја постигне демократската функционалност. Односно, да се обезбеди  политичка позиција на единката во однос со власта со гарантирањето на нејзините политички права.

Политичката позиција на единката како граѓанин, меѓутоа, не ја заместува, и не може да ја замести, нејзината севкупна конотација во општеството. Односно дека концептот за народот како демос не го заместува етничкиот аспект на народот.

Неословувањето на македонскиот народ и на етничките малцинства во единствената, македонска, нација, што се практикува во последно време, оттаму е несоодветно. Примерите што ќе ги наведеме го потврдуваат тоа. Имено, Французинот е државјанин, граѓанин на Франција, а останува етнички Француз, а Германецот е државјанин на Германија истовремено и како етнички припадник, Германец.

Проблемот, меѓутоа, е подлабок бидејќи од пристапот кон единката како политички субјект и односот кон нејзината природна припадност кон народ, зависи и адекватното поставување на односите во нацијата. Односно во конципирањето на општествениот систем во целост. И во концептот на (националната) културата и на творештвото.

Недоразбирањата за прашања се зголемија бидејќи со промената на името на државата, според гледањето кое ја изедначува државата со нацијата, а тоа е издвоено гледање, како да се проблематизира идентитетската основа на нацијата, изместувајќи ја идентификацијата на нацијата со македонското име.

Така концептот „едно општество за сите“, иако од конципициентите конципиран поинаку, во практикувањето на СДСМ се претвори во концепт на еднакви етноси во нацијата. При што нацијата стана безимена (и „северно македонска“?).

И покрај тоа што сложените меѓуетнички релации во рамките на политичката заедница каква што е нацијата се разрешени со легислативата на ЕУ. Конкретно, прашањата за релацијата на народот и етничките малцинства поставени се со Рамковната конвенција за етничките малцинства… при што етничките малцинства се носители на културни права, изградуваат културна идентификација. Како граѓани се припадници на нацијата, политички субјекти, во рамките политичкиот систем, носители на права како граѓани на националната држава.

Затоа што нацијата, иако е политичката заедница која ги востановува политичките институции, државата и другите, ја гради и културата на народот и етничките малцинства, овозможувајќи осознаеност.

Така, ЕУ прераснува, во заедница на народите. Истовремено  проследувајќи го концептот со правна легислатива за посебноста на народите, за заштита на суверенитетот на народите, признавањето и заштитата на одделните јазици, како и за поврзувањето на народите со укинување на границите и со безвизниот режим. И затоа правната рамка при афирмирањето на различните културни идентитети, во Повелбата на ЕУ и, поново, во Лисабонскиот договор од 2009 год., Европската заедница ја дефинира како заедница што функционира единствено врз граѓанско-правните „универзални вредности на човековото достоинство, слободата, еднаквоста и солидарноста“.

И оттаму нацијата не смее да се сведе на политичка конструкција без содржина во општественото живеење што го чинат творечките придонеси  низ сите димензии на животот што, изградувајќи го идентитетот  на народот и на етничките малцинства. Создавајќи и култура, со оглед на дадениот социокултурен простор, како национална.

Мора де се подвлече дека нацијата, во техничко-технолошката ера, својот идентитет го гради, пред сé, со развојот на науката и уметноста како и преку воспоставената политичката организација.

И на крајот, за разлика од постанокот на американската нација од преселени народи на територијата на Северна Америка, каде етничкиот елемент потребно е да се знае, останува мошне жив во едноимената нација, кај нас, како и кај други европски нации, постои континуитет во развојот на народот при создавањето на нацијата, и на нејзината идентификација со името на македонскиот народ.

Концептот на американската нација, меѓутоа, изврши влијание при конципирањето на Преспанскиот договор односно при разрешувањето на проблемот со името на нашата држава. Така амбасадорот Ф. Рикер (во ноември 2008 год.), во своето обраќање на собраниската комисија за надворешна политика кај нас, укажувајќи дека, како што многу држави во светот имаат и повеќе имиња а и дека идентитетот на поединците е многуслоен, Македонија, со промената на името на државата би ги презентирала граѓаните како политички субјекти. При што идентитетот на државата, суштината на нацијата и на јазикот, без оглед на името со кое се запишани во ООН, би останале исти.

Можеше да се очекува дека тоа би биле основите за решавањето на името на нашата држава според кое нацијата би се рецепцирала само како припадност на граѓаните на државата додека нацијата, државноста и јазикот би се именувале според историското име. Сепак,според пристапот држава-нација, се јавува тенденцијата со името на државата да се ословува нацијата. Што станува проблематично од многу аспекти.