Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг беше жртва на кибер напад минатата недела, соопшти Судот без да открие детали за големината на нападот и за каков тип станува збор.
Како што јавија холандските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, нападот бил извршен врз голем број доверливи документи.
Сепак, како што се наведува, Судот не сакал да го потврди тоа, а портпаролот рекол дека нападот се истражува во соработка со холандските власти, како и дали зад нападот стои странска влада.
МКС рече дека презема итни мерки за да ги минимизира последиците од кибер нападот и дека цени оти Холандија помага во тоа. Оттаму додадоа дека работат на подобрување на својата кибер безбедност. МКС не даде дополнителни детали за степенот на нападот или за каков тип на кибер напад станува збор.
МКС е основан во 2002 година од страна на десетици држави. Истражува геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства и има овластување да ги гони осомничените преку државните линии. мс/