Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски Михаил Подолјак денеска рече дека до прекин на огнот ќе дојде само кога Русија ќе ги напушти украинските територии што ги окупираше.
„За разлика од Русија, Украина не напаѓа туѓа територија и не убива цивили. Украина на своја територија уништува само припадници на окупаторската армија“, напиша Подолјак на својот профил на Твитер.
Тој напиша дека „Русија мора да ги напушти окупираните територии“ и дека „само тогаш ќе има примирје“.
„Задржете си го лицемерството за себе“, порача Подолјак.
Претходно денеска Путин му нареди на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу да го прекине огнот во Украина на 36 часа по повод православниот Божиќ.