Сојузниците го поддржаа украинското производство на оружје со речиси пет милијарди долари оваа година, изјави денеска министерот за одбрана Денис Шмихал.

Покрај тоа, партнерите купиле оружје за Украина во Соединетите Американски Држави за слична сума, рече Шмихал по онлајн состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина.

„Двете бројки се рекорди, и сакаме да ја задржиме оваа динамика и во 2026 година“, објави тој на Телеграм.

Украинскиот министер за одбрана истакна дека Германија планира да обезбеди 11,5 милијарди евра (13,5 милијарди долари) воена помош следната година, додека Обединетото Кралство собрало 600 милиони фунти (805 милиони долари) од различни извори за украинската воздушна одбрана оваа година.

Сепак, според „Тракерот за поддршка на Украина“ (Ukraine Support Tracker), база на податоци составена од германскиот Институт за светска економија во Кил (IfW), воената помош ветена на Украина нагло опаднала во втората половина на 2025 година.

Износот е „очигледно премногу мал за да го надомести недостатокот во американската помош“, неодамна напиша IfW.

САД фазно ја прекинаа испораката на оружје за Украина откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата за втор мандат во јануари. Наместо тоа, НАТО постави Листа за приоритетни барања на Украина за другите земји да купуваат американско вооружување за Киев.

Украина се брани од целосната руска инвазија од февруари 2022 година.
(МИА)