Различни компоненти на европски производители се инсталирани во ирански беспилотни летала што Русија ги користи во нападите врз Украина, се наведува во таен документ што Киев го испратил до своите западни сојузници со барање за испорака на ракети со долг дострел за напади на производствени локации во Русија, Иран и Сирија.
Во документот од 47 страници што украинската влада го достави до владите на Г7 во август, Киев тврди дека во претходните три месеци имало повеќе од 600 напади од руски беспилотни летала (UAVs) кои содржат западна технологија, пишува лондонски „Гардијан“.
Според извештајот до кој дојде „Гардијан“, 52 електрични компоненти произведени од западни компании биле пронајдени во дронот „Шахед-131“ и 57 компоненти во моделот „Шахед-136“, кој има опсег на летот од 2.000 километри и брзина на крстарење од 180 километри на час.
Пет европски компании, вклучително и полска подружница на британска мултинационална компанија, беа именувани како оригинални производители на идентификуваните компоненти. „Меѓу производителите има компании со седиште во земјите од коалицијата што воведоа санкции кон Русија: САД, Швајцарија, Холандија, Германија, Канада, Јапонија и Полска“, се наведува во документот.