Пред денешниот напад на рускиот патен и железнички мост кон Крим, државната телевизија објави снимки со долги колони на сообраќаен метеж во јужна Русија додека туристите со часови чекаат во своите автомобили за да преминат и да го започнат својот летен одмор.

Но, откако во експлозија беше нападнат мост, убивајќи брачен пар кој планираше одмор на Крим и ја повреди нивната ќерка, тоа предизвика сообраќаен метеж во спротивна насока при што туристите се обидуваа да се вратат дома преку јужна Украина, контролирана од Русија.

Државната новинска агенција РИА објави дека се формирал сообраќаен метеж долг повеќе од 5 километри кога руските туристи се враќале дома, преку мостот Чонхар, кој накратко не беше во функција поради ракетен напад минатиот месец.

Москва го обвини Киев за нападот на мостот на Крим, втор откако Русија ја нападна Украина.

Украина официјално не ја презеде одговорноста, но украинските медиуми јавуваат дека украинските безбедносни служби распоредиле поморски дронови.

Во понеделникот, руските власти препорачаа руските туристи заглавени на Крим по нападот на мостот што го поврзува анектираниот полуостров со Русија да се вратат дома преку украинските територии под руска окупација.

Комерцијалните летови меѓу Москва и Крим беа прекинати по почетокот на офанзивата во Украина, а повеќето руски туристи доаѓаат на полуостровот со автомобили на делот од мостот наменет за патен сообраќај. Тој дел од мостот е делумно оштетен во нападот, пишуваат медиумите.

„Ги замолувам жителите и гостите на полуостровот, од безбедносни причини да изберат алтернативен копнен пат кој минува низ новите области“, рече рускиот гувернер на анектираниот полуостров, Сергеј Аксјонов.