И до 4 часа чекање за излез од Македонија. Продлжениот празничен викенд повторно создаде гужва на граничните премини особено кон Грција, јавува Канал 5. Голем дел од домашните, но и странски туристи се упатија кон нашиот јужен сосед, да ги искористат трите слободни дена за одмор.
А дека гужвите на граничниот премин Богородица се огромни сведочат туристи за Канал 5. Раскажаа дека колоните од возила се долги и до три километри и движењето се одвива многу тешко
Статистиката на МВР покажуваат дека во изминатите 24 часа, односно од 10 претпладнето вчера до 10 часот денеска, влез во Грција преку ГП Богородица оствариле 474 македонски државјани, а излегле речиси 4.000.
Влез во Македонија пак оствариле и над 2.100 странски државјани, а 645 ја напуштиле нашата држава.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се отворени пет ленти за излез и влез во државата. Оттаму додаваат дека се преземаат сите мерки и во функција се ставени сите човечки и технички капацитети за да се забрза протокот на патници.
Освен гужви на ГП Богородица, сликата не е подобра ни на ГП Меџитлија, но и граничните премини Дојран и Табановце. Туристичката сезона се уште е во полн ек, а пријатното време ги мами туристите да прошетаат надвор од своите држави.