Ким Џонг-ун има нова „титула“ – „Висок претставник на целиот Корејски народ”, и така во иднина ќе го нарекуваат државните медиуми.
Новата титула за првпат беше регистрирана пред неколку дена во пораките за новоизбраниот состав на Врховното народно собрание – севернокорејскиот Парламент.
„Претензиите да биде лидер на сите Корејци е во согласност со долгорочната цел на Ким да обедини Корејскиот Полуостров под свое раководство”, напиша експертот за Северна Кореја од Виенскиот универзитет Рјудигер Франк во „38 Север” (38 North), новинарски сајт на американо-корејскиот институт.
Иако владата во Сеул се уште нема официјален одговор, јужнокорејските аналитичари се сомневаат дека новата титула на Ким може да послужи за понатамошно консолидирање на неговата позиција. Досега, Пјонгјанг избегнуваше да претендира отворено за лидерство на целиот Корејски полуостров.
„Тоа е причината зошто новата титула е прекин со минатото, и е отворен предизвик за улогата на Јужна Кореја и нејзиниот претседател”, пишува Френк.