Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун изјави дека воениот образовен систем на земјата мора да ги удвои напорите за создавање офицери кои остануваат апсолутно лојални на владејачката партија, јавија денеска државните медиуми.
Ким ова го изјави на Осмата конференција на воени едукатори на Корејската народна армија што се одржа во Пјонгјанг за време на викендот, јави државната новинска агенција КЦНА.
Тој ја истакна потребата да се подготват сите воени просветни работници да бидат вистински војници неизмерно лојални на идејата и раководството на Партијата и да се организира и да се обезбеди воено образование, строго водено од идејата, политиката и методот на Партијата, за да се осигури дека сите питомци стануваат офицери апсолутно лојални на Централниот комитет на партијата, пренесува КЦНА.
На Конференцијата биле разгледани и некои отстапувања забележани во военото образование поради недостаток на идеолошка свест, се вели во веста, без дополнително објаснување.
Тоа е последно во низата настани и кампањи за односи со јавноста чија цел е зајакнување на политичката лојалност додека Ким се подготвува да одбележи десет години на власт овој месец.