Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун му ветил на рускиот претседател Владимир Путин помош во руската војна против Украина на средбата во рускиот космодром Восточни, пренесе ДПА повикувајќи се на медиуми.

– Русија се крена за да го заштити својот суверенитет и безбедност, рекол Ким на средбата со Путин, пренесува агенцијата Интерфакс.

– Ние секогаш и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите одлуки на Путин и одлуки на руската влада. Се надевам дека секогаш ќе бидеме заедно во борбата против империјализмот и во изградбата на суверена држава, рекол Ким.

Средбата на Путин и Ким е прва посета на севернокорејскиот лидер на Русија во последните четири години. Покрај прашањата за ракетната технологија, според набљудувачите, на дневен ред на состанокот се и испораката на оружје и муниција од Северна Кореја за Русија.

За време на состанокот Путин-Ким, руското Министерство за надворешни работи најави посебна посета на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на Москва. Ванг ќе се сретне со својот руски колега Сергеј Лавров.