Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова рече дека Москва го цени планот на Кина за решавање на конфликтот во Украина и е отворена за опцијата за постигнување на целите на „специјалната воена операција“ преку политички и дипломатски средства.
Таа додаде дека тоа би претпоставувало признавање на „нова територијална реалност“ во Украина, пишува Гардијан.
Украинскиот претседател го коментираше и кинескиот мировен план на денешната прес-конференција по повод годишнината од руската инвазија.
– Добро е што Кина зборува за Украина. Пекинг нема лоши намери. Според соопштението, Кина го почитува нашиот територијален интегритет. Но, прашањето е што следи по тие зборови. Прашањето е во чекорите и каде ќе водат тие. Некои точки во декларацијата ми се разбирливи, а со некои не се согласувам, рече володимир Зеленски.
Можеби ќе ве интересира
Кина повика на обновување на мировните преговори меѓу Русија и Украина со цел да се стави крај на војната. На веб-страницата на МНР Кина објави документ со 12 точки. Во првата точка ги повикува сите инволвирани страни да го почитуваат суверенитетот на сите народи.
Го повикува светот „да се откаже од менталитетот на Студената војна“ со ставање крај на „сите еднострани санкции кои не се одобрени од Советот за безбедност на ОН“. Да потсетиме, голем број земји воведоа санкции кон Русија, земјата која ја започна војната во Украина. Кина повикува на прекин на непријателствата преку дијалог и преговори, додавајќи дека Пекинг планира да „игра конструктивна улога“.
Кина исто така бара решенија за хуманитарната криза предизвикана од војната, заштита на цивилите и воените заробеници и безбедноста на нуклеарните централи. Под насловот „намалување на стратешките ризици“ во кинескиот документ се наведува дека „нуклеарното оружје не смее да се користи“ и се изразува противење на каква било закана која вклучува нуклеарно оружје.
Кина, исто така, повикува на олеснување на извозот на жито и одржување на безбедни индустриски и синџири за снабдување. Последната точка се однесува на „промоција на постконфликтна реконструкција“.
На ова денеска реагираше генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој истакна дека Кина нема кредибилитет за мировен план оти не ја осудила агресијата врз Украина.