Кина генерираше 53 отсто од вкупната енергија на јаглен во светот во 2020 година, што е девет процентни поени повеќе од пред пет години, и покрај ветувањата поврзани со климатските промени и изградбата на стотици централи за обновлива енергија.

Иако минатата година Кина додаде рекордни 71,7 гигавати енергија од ветерници и 48,2 гигавати сончева енергија, таа е единствената земја од Г20 која забележа значителен пораст во производството на електрична енергија од јаглен, според студијата на истражувачката група за енергија и клима „Ембер“, со седиште во Лондон.

Кинеското производство на електрична енергија од јаглен забележа раст за 1,7 отсто или 77 терават часови, што е доволно за зголемување на нејзиниот удел во вкупната глобална енергија од јаглен на 53 проценти, наспроти 44 отсто во 2015 година, се вели во извештајот.

Земјата вети дека ќе ја намали зависноста од јаглен во обид да ги донесе емисиите на штетни гасови до врвот пред 2030 година и да стане „јаглеродно неутрална“ до 2060 година.