Кина воведува санкции за поединци и организации во САД и Канада како одговор на санкциите наметнати врз кинески граѓани и организации во врска со почитувањето на човековите права на Ујгурите, јави Синхуа.

Кина ќе воведе санкции против Гајл Манчин, шеф на американската Комисија за меѓународна верска слобода и на Тони Перкинс, заменик претседател на комисијата.

Санкции ќе бидат воведени и против канадскиот пратеник Мајкл Чонг и на канадскиот парламентарен комитет за човекови права, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Забрането е влегување на овие лица и членови на Комисијата на територијата на Кина, Хонг Конг и Макао. Синхуа соопшти дека санкциите се одговор на постапките на тие две земји, кои на 22 март воведоа „еднострани санкции за соодветни физички и правни лица во Синџијанг, засновани на дезинформации“.