Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави денеска дека сака приватните компании да бидат богати, но и да бидат од корист на сите и да ја споделат одговорноста со државните претпријатија за добробит на сите Кинези.

На состанокот зад затворени врати со владините советници кои го претставуваат бизнис секторот за време на годишната седница на парламентот, Си ги повика компаниите и претприемачите да покажат „патриотизам“ и активно да се вклучат во добротворни иницијативи, објави државното радио.

Приватни кинески и странски компании чекаа Пекинг да излезе со детали за тоа како има намера да ја постигне својата цел за „заеднички просперитет“. Станува збор за препознатлива иницијатива на Си за намалување на јазот меѓу богатите и сиромашните и за тоа како можат да помогнат приватните компании .

Кинескиот претседател изјави дека приватните компании треба поправедно да ги споделуваат плодовите од нивниот раст со вработените во, како што рече, „општество на заеднички интереси“. „Бидете богати и одговорни, бидете богати и од корист на другите, бидете богати и грижливи“, рече Си.

Тој, исто така, рече дека Кина ќе ги третира приватните компании и претприемачи како „семејство“, ветувајќи дека ќе ги отстрани институционалните бариери што ги спречуваат да се натпреваруваат правично на пазарот. Пекинг најави дека ќе го поддржи приватниот сектор додека се опоравува од владините ограничувања поради пандемијата на „ковид-19“, кои беа укинати во декември.

Си го обвини Западот за тешкотиите со кои моментално се соочува кинеската економија.

-Воден од САД, Западот презеде сеопфатни мерки за да го спречи подемот на Кина, поради што сега се соочуваме со невидени предизвици за нашиот развој-рече Си.