Иако не е услов за членството на Македонија во НАТО се отвораат прашања околу безбедноста и кинеското влијание во развојот на 5Г мрежата и дигиталната инфраструктура во земјата, потврдија денеска од Владата.
На Самитот на лидерите на НАТО кој ќе се одржи утре во Лондон, 5Г технологијата, улогата на Кина и на нејзиниот оператор Хуавеи ќе бидат отворени, како што најави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
Мнозински сопственик на Македонски Телеком е унгарската Матав, дел од Дојче Телеком, кој соработува со Хуавеи во развојот на новата технологија. Оттука Владата, иако е делумно сопственик на македонските телекомуникации има ограничено влијание врз одлуките поврзани за 5Г, велат од Владата.
Меѓутоа, со оглед на жестоките расправии во ЕУ и во НАТО за ризиците што ги носи кинеското влијание преку Хуавеи, но и со оглед на загриженоста во нашата влада, велат дека прашањето се разгледува од блиску и оти ќе има реакција.
-Ние не сме доминантен сопственик, но сепак имаме удел во нашиот Телеком, и сме регулатор, ќе се трудиме во стратегиите што ги носи Владата за 5Г како услови да бидат вградени овие безбедносни услови за НАТО, наведа високи владини извори денеска во Лондон на брифинг со новинарите.
Прашањето за тоа до кој степен треба да се отворат пазарите за кинескиот гигант се една од најбурните теми помеѓу сојузниците во НАТО и прашањето ќе биде на маса и утре, за Македонија, како што велат пд Владата, „прашањето не може да се одмолчи“ и покрај тоа што станува збор за приватна фирма.
-И за приватни фирми постојат правила, но прерано е сега пред да имаме горе-долу усогласен став во рамките на Алијансата, да не бидеме поголеми католици од Папата, објаснуваат од Владата. Сепак, додаваат, „факт е дека кога мрежата беше државна и кинеските фирми немаа земено толкав залет, мрежата беше комплетно на европска платформа и беше многу квалитетна, Хуавеи во последните пет-шест години влезе во Дојче Телеком“.
Од Владата истакнуваат и дека проблемот со безбедноста на мрежата е прашање кое се поставува и вон рамките на НАТО, бидејќи во фокусот се личните податоци на македонските граѓани кои треба да бидат заштитени. Прашањето веќе е отворено и во разговорите со Град Скопје во рамки на развојот на концептот „Паметен град“.
– Овие елементи ќе влијаат и кога ќе ги правиме системите на Смарт Сити, сме го разговарале со Град Скопје, во системите на набљудување да не им ги даваме на тацна информациите за нашите граѓани, велат од Владата.
Темата е отворена на највисоко ниво во Владата, и како што ветуваат оттаму, нема да остане без реакција.
– Рано е да кажуваме, но како регулатор ќе се вмешаме, тврди висок владин извор.
На утрешниот самит, каде тензиите ќе се кристализираат околу Турција, Франција и САД, на дневен ред, се разбира, е Русија.