Директните кинески инвестиции во економијата на САД од 2016 до 2018 година се намалиле за 90 отсто, од 46 милијарди долари до 5 милијарди долари, објави денеска „Њујорк тајмс“.
Весникот се повикува на истражување на консултантската фирма „Родиум Груп“ кое го покрива периодот на власта на претседателот Доналд Трамп – од 2016 до 2018 година.
Драстично намалените кинески инвестиции се негативни за многу гранки од индустријата како стартап компаниите од Силиконската долина, пазарот со недвижности на Менхетн, но и за буџетите на многу сојузни држави „кои со години се обидуваат да привлечат финансии од Кина“, како на пример Мичиген, држава што најмногу настрада од Големата рецесија во 2007 година.
-Таквиот пад на странските инвестиции покажува колку многу се влошени економските односи помеѓу САД и Кина, коментира за весникот Есвар Прасад, поранешен раководител на кинескиот оддел во Меѓународниот монатерн фонд.
Двете страни ја загубиле заемната доверба која пред доаѓањето на Трамп резултирала во бум на странските директни инвестиции од Кина во САД.
Со години, кинески пари се влеваа во автомобилската и технолошката индустрија, енергетиката и земјоделството, и создаваа нови работни места во Мичиген, Јужна Каролина, Мисури, Тексас и други држави, укажува „Њујорк тајмс“.
Според Крег Ален, претседател на Американско-кинескиот бизнис совет, со „заминувањето“ на кинеските инвеститори најповеќе страдаат „руралните“ сојузни држави на САД каде бизнисмените од Кина купиле фабрики и заживеале пропаднати бизниси.