Сакам да ја информирам јавноста дека денеска дадов изјава во Обвинителството и се надевам, завршуваат лажните вести и инсинуации кои досега нанесоа штета на недолжни личности и истрагата, за момент, ја одведоа во погрешен правец, а ќе преовладуваат фактите и вистината, порача денеска Александар Кирацовски преку Фејсбук, откако во текот на денот беше на распит за криминалната афера Рекет.
– На надлежните институции им се ставам комплетно на располагање и нема да дозволам ништо да ги наруши мојата чест и углед. Верувам дека помогнав постапката да заврши правично и верувам дека секој кој се огрешил пред законот ќе одговара за стореното.Благодарам за интересот и коректноста на медиумите и новинарите. Господинот Бранко Геровски, кој го почитувам и кој, за волја на вистината, изрази извинување, потврдувајќи дека во врска со мене направил „фаул“, го замолувам да не ми импутира термини кои никогаш не сум ги изрекол и да не користи квалификации кои се во доменот на надлежните институции.Овој случај нанесе штета врз општеството, но знам дека сите заедно следејќи ги правдата и вистината ќе излеземе посилни, а општеството зајакнато, напиша попладнево Кирацовски на Фејсбук.
Тој, да потсетиме, како вчера и неговата колешка Фросина Ременски, негираше дека бил близок со Боки 13, кој е во притвор поради Рекет.