Ракометната федерација на Македонија ја известува јавноста дека со заедничка визија, доверба и јасна стратегија за развој на македонскиот ракомет, продолжува соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, соопштија денес од федерацијата.

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов изрази задоволство од новиот договор со најдобриот македонски ракометар на сите времиња.

– Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година. Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт, истакна Стефанов.

Селекторот Лазаров се заблагодари за довербата.

– На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка. Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок, рече Лазаров.

Продолжувањето на соработката со Лазаров доаѓа во пресрет на Европското првенство 2026, на кое македонската репрезентација ќе игра во групата во Хернинг со кодомаќинот Данска, со Португалија и против Романија.

Фото: РФМ