Марко Китевски

Годинава се навршуваат 627 години, (18 мај 1395 година) од загинувањето на Марко Крале, последниот крал на Македонија, кој како ретко која друга личност останал во споменот на народот, односно во неговите народни умотворби, како во поетските така и во прозните. В. И. Григорович по своите патувања низ Македонија запишал: „Јас не слушнав други имиња, освен имињата на Александар Велики и Кралот Марко“.
Во традицијата на македонскиот народ Кралот Марко е познат со имињата Марко Крале, Марко Кралевиќ, Крали Марко, Марко Кралевиќе, Марко Прилепчанец, Марко од Прилепа и други. За Кралот Марко во нашата и во странската наука досега доста е пишувано, главно врз скудните историски извори и врз богатото народно творештво. Но во последно време врз основа на нови извори, документи од турските архиви, но и врз записи во нашите цркви се прецизираа или се коригираа многу сознанија за Марко, за неговите родители, за неговите браќа, но и за неговата држава и за неговото време воопшто.

Иако некои сознанија за Марко како безначајна историска личност и како турски вазал и за татко му Волкашин како негативна личност долго се провлекуваа, во последниве два века се создаде богата литература за македонскиот 14 век и во тој контекст и за Волкашин и Марко што ги претставува во поинаква светлина. Марко не само што бил значајна личност туку бил и последниот крал на Македонија по кого народот тагувал и го опевал во народните песни, а го запаметил и во преданијата.

Како што пишува Мавро Орбини Волкашин потекнувал од Ливно, татко му се викал Мрњава поради што и тој, а и целата фамилија подоцна се афирмирала со презимето Мрњавчевиќи. Во српските извори, а и во српското народно творештво го среќаваме под името Вукашин, кај Бугарите како В’лкашин, а во македонските народни умотворби само како Волкашин. Важно е и тоа што тој ја признавал Охридската архиепископија, а преку неа бил во добри односи и со Вселенската патријаршија во Константинопол.

Истражувачите сведочат дека кон половината на 1371 година, поточно во месец јуни, Волкашин и син му Марко во Скадар заедно со Балшиќите и со Венецијанската република заговарале да го нападнат Никола Алтомановиќ, но појавата на Османлиите на истокот ги спречила во тоа. Волкашин и брат му Углеша се обиделе да го запрат продорот на новата сила кон Балканот, но и двајцата загинале во битката на реката Марица во 1371 година.

Според пишуваните извори кралот Волкашин и кралицата Елена имале четворица синови: Марко, Андрејаш, Иваниш и Дмитар (Митраш). Овој податок е регистриран и во еден натпис во црквата Свети Димитрија, позната како Марков манастир кај Скопје, во кој се вели дека црквата е обновена и насликана во време на благоверниот крал Волкашин со благоверната кралица Елена со нивниот првороден син, благоверниот крал Марко и Андреаш и Иваниш и Димитар, во 1377 год. За нивни ќерки пишуваните извори не знаат иако народната традиција памети две нивни ќерки: Оливера и Милица.
Кралицата Елена (во монаштво позната под името Елисавета, а во народната традиција како Евросима), по смртта на кралот Волкашин веројатно едно време е совладарка на кралот Марко, што може да се заклучи од фактот дека таа, во тоа време ковала пари. Од браќата на Марко во народната традиција најповеќе е зачуван ликот на помалиот брат Андрејаш. За него е познато дека за време на Косовската битка го градел манастирот во Матка кај Скопје, посветен на светиот апостол Андреј Првоповикан. Познато е и тоа дека и Андрејаш ковал пари, што значи дека и тој имал територија на која бил владател.

Најмногу податоци (и пишувани извори и народни умотворби) има за Кралот Марко, секако, најпопуларната личност во народната традиција не само кај македонскиот народ туку и кај другите балкански словенски народи, иако неговото име стигнало и многу подалеку. Се знае дека Марко е роден околу 1335 година во Прилеп, дека уште пред да загине Волкашин во битката на Марица во 1371 година бил прогласен за “млад крал’ што значи престолонаследник, дека веднаш по загнувањето на татко му бил прогласен за крал и дека се борел да ја зачува територијата на државата што ја владеел. А таа држава се простирала на десниот брег на реката Вардар, од Шар Планина и албанските планини на северозапад, до Костур на југозапад со престолнина во Прилеп. Како владател Марко ковал пари со напис: „В’ Христа Бога верен крал Марко“.

Марко најпрвин бил оженет за Елена, ќерката на Радослав Хлапен, управител на Верија и Воден во западна Македонија, која набргу ја оставил и се оженил за Теодора, што му ја зел на Гргур Бранковиќ. Подоцна Теодора му ја дал на својот дедо Радослав Хлапен, а си ја повратил својата првовенчана жена Елена. Овие податоци ги среќаваме и во еден запис во Хлудовата збирка, пишуван од Добре од с. Маргари, Прилепско. „Оваа книга е пишувана во Порече, во селото Калуѓерец, во деновите на благоверниот крал Марко кој ја даде Теодора, Гргуровата жена на Хлапен, а ја зеде својата првовенчана жена Елена, Хлапеновата ќерка“. Но и овој повторен брак со Елена не бил потраен зашто таа пак му побегнала кај војводата Балша, господар на Зета и Скадар. Нему му го предала и градот Костур, кој влегувал во составот на Марковата држава, кој подоцна се обидувал да го поврати дури и со помош на Турците. Елена и кај Балша не останала долго, зашто и тој набргу ја истерал. Ваквото поведение на Елена е опеано и во песните, иако како што смета К. Пенушлиски „е можно токму народната традиција да послужила за вакво прикажување на брачниот живот на Марко Крале.“ Пишуваните документи не даваат податоци дали Марко имал наследници, иако народната традиција, особено народните песни знаат за негов син, кој ги има неговите квалитети.

Името на кралот Марко се споменува и во други записи и натписи. Така на пр. во еден натпис во дреновската црква, се вели дека црквата е живописана за време на државата на Никола и Марко по смртта на царот Стефан. Потоа во натписот во црквата „Света Недела“ во Призрен што се датира меѓу 1 септември 1370 и 31 август 1371 година што значи непосредно пред Маричката битка, Марко се именува како млад крал, што значи престолонаследник. Марко со слика и текст: „В Христа бога верен крал Марко“, е застапен во манастирот “Св. Архангел Михаил” во Прилеп, како што беше споменато во „Св. Димитриј“ кај Скопје, во еден натпис во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, во манастирската црква „Св. Преображение“ во с. Зрзе, Прилепско итн. Во еден многу подоцнежен напис (1816) неговото име се споменува меѓу донаторите на манастирот Св. Никола во с. Шишево, Скопско, а исто така од многу подоцнежен датум е и записот во кој заедно со татко му Волкашин се споменуваат меѓу ктиторите на дебарскиот манастир „Св. Јован Претеча“. Фрески со ликот на Кралот Марко се среќаваат во манастирот „Св. Архангел Михаил во Прилеп“, во Марковиот манастир во Скопје, а битката меѓу Марко и Муса Кесеџија е насликана на ѕидот од црквата „Св. Богородица“ (1857) во с. Лопатица, Битолско.

Како последица на еден изразен антагонизам меѓу северот и југот, во црквите што ги гределе Марко, брат му Андријаш и другите владетели од овие простори (Марков манастир, Св. Андреј Првоповикан кај Матка и др.) отсуствуваат ликовите од немањиќевската династија (св. Симеон Немања, св. Сава и др.), а е присутен ликот на св. Климент Охридски, на пр. во Марковиот манастир, во олтарскиот простор во низата на светите отци-литургичари, што укажува на фактот дека Кралот Марко немал односи со Пеќката патријаршија туку ја признавал Охридската архиепископија, а преку неа и Цариградската патријаршија.

По наследувањето на државата на својот татко, Кралот Марко примајќи ја кралската круна се нашол во незавидна положба. Продирањето на Османлиите кон Балканот предизвикувало тешка состојба за населението. Од друга страна околните владетели се обидувале да ги прошират своите држави за сметка на државата на Кралот Марко. Биле вршени упади, било заробувано население кое потоа било продавано како робје по пазарите.

По освојувањето на овие простори од страна на Османлиите настапиле тешки денови за локалното население. Атмосферата по Маричката битка во Серската држава, пустошот и ограбувањата што ги правеле освојувачите, сликовито ги опишал очевидецот, монахот Исаија кој меѓу другото истакнува: „И толкава мака и несреќа ги прелеа сите градови и страните западни, колку што ниту ушите слушнале, ниту очите виделе. Откако загина храбриот маж деспотот Углеша, Измаилќаните се распрснаа и полетаа по сета земја како птици во воздухот, и едни од христијаните со меч ги колеа, а други во ропство ги водеа. А оние кои останаа прераната смрт ги пожнеа. Оние кои ја одбегнаа смртта, од гладот беа уништени. Зашто, таков глад настана по сите краишта, каков што не се случи од создавањето на светот. А оние кои гладот не ги уништи, нив волците со Божја дозвола ноќе и дење ги напаѓаа и ги растргнуваа. О, колку жална беше глетката!“

Како вазал на султанот Кралот Марко имал обврска со своја војска да ги помага турските освојувачки походи. Во еден таков поход и загинал, борејќи се на страната на турските војски против влашкиот војвода Мирче. Во битката што се случила на Ровини, на 17 мај 1895 година загинале и двајцата турски вазали од Македонија Кралот Марко и Константин Драгаш со што и нивните држави дефинитивно го загубиле полунезависниот статус. Биографот на Стефан Лазаревиќ, Константин Филозоф раскажува дека Кралот Марко пред битката во Ровине, кога ги видел крстовите и бајраците на спротивната страна свесен дека се бори против луѓе од иста вера се расплакал и рекол: “Кажувам и го молам Господа да им биде помошник на христијаните, па нека бидам првиот меѓу мртвите во оваа борба”. Можеби токму оваа негова изјава подоцна била генератор на многу симпатии на народот кон својот последен крал и инспирација за многу народни умотворби.

Гробот на Кралот Марко не се знае иако постојат некои претпоставки што главно се засноваат врз народното предание. Мавро Орбин пишува дека Марко бил погребан кај селото Блачани (Блациани) во близината на Скопје. Бидејќи село со ова име не постои останува нејасно дали се работи за селото Булачани или за селото Блаце, но ако веќе телото на кралот било донесено од Романија во неговата таковина поверојатно е тоа да било погребано во неговиот роден град и негова престолнина Прилеп, или во неговиот манастир кај Скопје.

Сепак, како и да е, неспорно е дека Кралот Марко е лик кој најдлабоко се врежал во сеќавањата на македонскиот народ и на соседните народи. За него се создадени безброј песни, преданија и други народни умотворби. Неговото име е поврзано со мноштво топоними: тврдини, камења, ридови, клисури, дрвја и сл. до оние пештери што се уште враќаат глас: „Жив е Марко!“ И не случајно К. П. Мисирков, кој уште на почетокот на деветнаесеттиот век на Кралот Марко му посвети еден значаен научен труд, а и подоцна тој, како и целиот 14 век беа негов постојан истражувачки предизвик егзалтирано забележа дека Кралот Марко „ги потчини под своја власт и под онаа на македонската муза сите народни певци и народи на Балканскиот Полуостров“. Повеќе од пет векови, векови на ропство и страдање народот верувал дека ќе се врати неговиот крал кој ќе го заштити од насилниците и ќе му обезбеди поубава иднина.

Важно прашање што се поставува пред истражувачите на народниот епос воопшто, и на песните за Марко Крале посебно, е прашањето за причините за популарноста на Марко Крале. Една еднаш искажана мисла за Марко како безначајна историска личност влегла во комуникација и извршила извесна дезориентација кај некои истражувачи. Притоа не е водено сметка дека Марко не е безначајна историска личност туку напротив за тогашните услови е моќен владател на поголема територија во центарот на Балканот, дека и со својот авторитет и со вазалскиот однос кон многу посилниот непријател обезбедил зачувување на државата што ја наследил и релативен мир и спокојство за населението. По неговата смрт настапиле многу потешки времиња и затоа народот во Македонија се сеќавал на него, го повикувал и го опевал. Некои научници тргнуваат од претпоставките дека Марко навистина бил физички силна личност што на времето оставило впечаток во средината во којашто живеел, што било и причина за него да се создат народни умотворби што потоа од поколение на поколение ја пренесувале славата на јунакот.
Некои истражувачи, пак, сметаат дека Марко се стекнал со голема слава како заштитник на христијанството во едно пресудно време кога исламот вршел експанзија на овие простори. Фактот што Марко како и браќа му вложувале во изградба на цркви и манастири, секако, можело да има влијание за популарноста на Марко што нашло одраз и во народните умотворби. Во науката постои и мислење дека и војниците на Марко имаат заслуга за неговата популарност зашто тие низ песни го славеле неговото јунаштво.

Според некои научници, популарноста на Марко Крале е резултат на неговиот однос кон Турците, на прифаќањето на вазалскиот статус и пред се на неговата маченичка смрт. Тврдењето на Војислав Ѓуриќ дека “Марко е производ на народната непомирливост со турското ропство”, има оправдание и во фактот што во текот на долгите векови на неподносливо ропство особено во годините на засилено ослободително движење народот се сеќавал на својот последен крал, го повикувал на помош и освета. И не случајно во едни вакви услови легендарниот дедо Иљо Малешевски во песните е неречен „на Крали Марка детето“.

Интересно прашање што во науката предизвикало доста расправии е и прашањето кога, каде и од кого се создадени песните за Марко Крале. Во нашиот народ јуначките песни се именуваат како старски, кралски или трапезарски песни, што зборува за нивната длабока старост, за нивното потекло од кралските средини и за местото на нивното исполнување, а тоа е трпезата. Кога станува збор за времето кога се настанати песните за Марко можеме да речеме дека извесен број песни за Марко се пеани уште за време на неговиот живот или непосредно по неговата смрт. Овде треба да го имаме предвид и фактот што населението во Македонија уште порано имало песни во кои славело одредени јунаци и по принципот на адаптација и актуелизација овие песни биле преработени и адаптирани на новото време и новите прилики.
Што се однесува до прашањето каде се создадени песните за Марко истражувачите главно се согласуваат дека овие песни најпрвин започнале да се создаваат на теренот на Македонија, односно таму каде што јунакот живеел и дејствувал. Дури потоа песни за Марко, на разни начини, можеле да се пренесуваат во други средини или таму да се создаваат, но дури откако неговата слава ја минала границата на неговата татковина. Впрочем, и со други примери е потврдено дека епските песни за одредени личности или настани прво никнуваат „на територијата каде што тие личности живееле или настаните се случиле“.

Најповеќе несогласувања меѓу истражувачите има по прашањето кој е творецот или создавачот на песните за Марко, или барем на првите песни за него, во која социјална средина тие најпрвин се создавале, дали меѓу народот каде што се создавале и лирските песни, или пак во одредени аристократски кругови, на дворовите на феудалните владетели од страна на специјални лица, односно професионални пејачи. Една група истражувачи сметале дека овие песни најпрвин се создаваат во дворовите на феудалците од страна на специјални професионални пејачи, а дека дури потоа тие влегле меѓу народот. Друга група истражувачи, пак, сметаат дека и епските песни потекнуваат од народот исто како и лирските.
Интересно прашање поврзано со Марко Крале што има одраз и во народните умотворби, а што веројатно има влијание и за неговата популарност е прашањето за односот на Марко Крале кон христијанската религија. Во народните умотворби Марко во еден случај се придржува кон барањата на христијанските догми, (ги пости долгите пости, оди на причесна итн.) во друг случај жестоко ги казнува тие што посегаат по верата, потоа гради цркви и манастири итн. итн.
Постил Марко пости велигденски,
седум недели седум п’ти јал,
без вино, без љута ракиа.

Притоа однесувајќи се во духот на христијанските закони тој кога оди во црква, на причесна, не носи оружје, иако тоа му создава низа неприлики.

А егиди млада Маркоице,
не ке ода на војска цареа,
не ке ода негдека на свадба,
та да земам моја остра сабја;
тук ке одам в црква Арангела
Арангела в црква на причесна.

Марко Крале како секој добар христијанин си празнува домашен празник, домашна служба. Народната песна еднаш сведочи дека тоа е Св. Ѓорѓија, друг пат Света Петка-летна, трет пат Свети Никола итн. Познато е дека во време на владеењето на кралот Марко се изградени многу цркви и манастири. За некои од нив се вели дека ги изградил или ги финансирал токму Марко.
На различни начини Марко ја брани верата. Тој жестоко ги казнува оние што ги кршат христијанските закони, особено оние што сакаат верата да ја менуваат со сила.

Живо вати цара од Стамбола,
Му пресече нозе до колена,
бели раце дури до рамена,
му извре очи од глаата,
и го кладе до вода студена.

Не само како заслужена казна, туку и како предупредување за другите и за во иднина:

Силум вера да не се менува.

Во народните умотворби за Марко Крале во поголем обем се среќаваат и натприродните суштества, самовилите, змејот, наречниците, ламјата итн. што е потврда дека ликот на Марко се здобил со митски димензии, односно дека во овие песни нашле место и некои митолошки претстави или некои други религии на човекот, односно, дека поголем број песни од разни периоди поврзани и со вакви суштества подоцна се поврзале и со името на Марко Крале.
Уште во песната за Марковото раѓање посебно се нагласува дека и неговата сила и неговата судбина се предодредени од наречниците коишто на третата вечер му ја одредиле судбината и животната патека.

Двете к’смет на Марка нарекле,
треќа рекла – Марко да е јунак,
кога момче оно да порасти,
на татка си коски да му скрши.

Иако татко му Волкашин кој го слушнал наречувањето, се обидел да ја измени судбината на својот син, сепак, наречувањето се исполнило во целост.
Самовилите имаат многу поважно место во животот на Марко Крале. Во една песна од зборникот на Миладиновци кога самовилата ќе гради град под облаците, а за материјал ќе користи одбирани јунаци, девојки и мали дечиња и кога малку не ќе и дофтаса, таа ќе го земе детето на Марко за да го стави за прозорец „спроти с’нце“. Но, најчесто Марко е во добри односи со самовилите. Тие му се посестрими, му помагаат да дојде до оружје, му помагаат кога се наоѓа во тешка, или особено кога е во безизлезна ситуација. Во една убава малашевска песна со наслов „Марко Кралевиќе и Вела самовила“ кога самовилата ќе се најде во незавидна ситуација ќе му понуди на Марко три билки:
Една билка, Марко, машки деца,
друга билка – пари да си ќариш,
треќа билка – од зло да утечеш.
Ѓурѓа самовила му помогнала да добие сабја каква што му прилега на јунаштвото:

што се диплит двана’есет дипли,
што се носит во бела пазу’а,
што ми сечит древја и камења.

Освен самовилите во песните за Марко се среќава и ламјата, митолошко суштество често присутно во нашиот фолклор. Во една песна од прилепско, „кучка ламја“ од длабокото море на Марко му го голтнува детето, иако тој за опасноста е предупреден од Ерина самовила. Марко успева да ја фати ламјата, да ја распара и да си го извади детето.

Ми ја фтасал таја кучка ламја,
си извајл сфоје врушко ноже,
та распарал нејно клето срце,
та извајл сфоје машко дете.

Во песните за Марко Крале опеани се разни односи во неговото семејство, неговите односи со родителите: таткото и мајката, потоа со браќата, сестрите, со неговите деца, роднини итн. Се разбира, во отсуство на попрецизни историски податоци за овие релации ние можеме да зборуваме само за поетска вистина, односно за народни умотворби кои веројатно имаат сосема малку врска со историската вистина.
Песната пее дека кога Волкашин и Марко ја граделе црквата „Свети Архангел“ кај Прилеп откако била насликана фреска со ликот на Волкашин Марко покажал завидливост и посакал и неговиот лик да биде насликан на истото место:

На вратата Волкашин се писал,
син му Марко, богме, му завидел,
и тој ми се од лево написал,
во одежди и кралцки коруни.

И денес на влезот во манастирската црква „Свети Архангел Михаил“ во Варош зачувани се ликовите на Волкашин и на Марко.
Историјата знае дека жената на Волкашин, односно мајката на Марко се викала Елена. Во народните песни таа е позната како Евросима (Јевросима).

Трудна била млада Јевросима,
трудна била дете си родила.

И кон мајка си Марко имал различен однос. Но иако некогаш е и груб и суров, каков што е и кон другите луѓе, општо гледано тој ја почитува мајка си и многу често ја прашува за совет, особено во потешките моменти. Честопати кога тргнува на пат Марко е советуван од мајка си што да понесе и како да се однесува.
Историјата знае дека Марко имал тројца браќа Андрејаш, Иваниш и Димитри (Митраш). Народната песна повеќепати го споменува само Андрејаш. Кога Марко разочаран и презрен поради тоа што нема браќа се враќа кај мајка си таа му кажува:

Ој ле сину, Кралевиќи Марко,
брата имаш в Анадолска земја
по имено дели Андријаше.

Во песните за Марко се споменуваат и негови сестри. Еднаш тоа е Милица, друг пат таа се вика Јангелина, трет пат името не и се споменува, а се пее за мотивот инцест меѓу брат и сестра итн. Во една песна се пее дека Марко имал две сестри Ангелина и Шаина. Кога запленетата Шаина ќе се одметне „во гора зелена“ царот ќе испрати порака дека тој што ќе ја фати ќе добие го „Скопје града покрај тиок Вардар“. Но бидејќи никој не може да ја фати тоа ќе се бара од Марко Кралевике. Но кога Марко ќе дојде кај Шаина околностите ќе придонесат тие да откријат дека се брат и сестра:

Али Марко имаш ти на памет,
оти бефме мие до две сестри,
поголема беше Ангелина,
стреден беше Марко палаина,
а по него Шаина најмала.

Народната песна ја опева невестата на Марко со различни имиња, Мара, Јангелина, Јана, Елена итн. Некогаш таа едноставно е Маркојца или Маркоица или кралица Маркојца, како што и се обраќа и самиот Марко: „Ај ти тебе млада Маркојце“, или како што во друга песна и се обраќа црната Арапина: „Ели чуеш млада Маркоице“, итн. Народната песна ја опева доста контрадикторно, еднаш како добра домаќинка и верна сопруга која му е од помош во најтешките моменти, друг пат како неверна сопруга која лесно се решава да го уценува или да го напушти. Навистина, интересно е прашањето што од она што го знае историјата нашло место во народната песна?
Во некои песни жената на Марко Крале се одликува со остроумност, со можност да се снајде во разни ситуации, или да предвиди одредена ситуација што може да се случи. Така, кога по долгите Велигденски пости Марко ќе тргне во црква на причесна не сака да носи оружје. Неговата сопруга предвидувајќи ги можните непријатности тајно му овозможува да се одбрани во таква состојба:

Бог ја убил млада Маркоица,
зашто беше умна и разумна;
и ја зеде сабја дипленица,
што се диплит дванаесет дипли,
во должина дванаесет педи,
во ширина што беше четири,
му ја кладе сабја од скришема,
му ја кладе коњу во гривата.

Со порака до коњот, ако стопанот се најде во неприлика да му каже каде се наоѓа сабјата. Навистина Марко ќе се најде во таква незавидна ситуација, а само луцидноста на неговата жена и сабјата што ја скрила во гривата на коњот ќе го спасат.
Но некогаш жената на Марко е опеана и како неверна сопруга со што ја заслужува и ја добива јавната осуда и најстрогата казна.

А што беше Марко од Вароша
тој ми зеде шавар рогузина,
ја утопи лоја и катрана,
ја завитка младата невеста,
ја запали чудо од нозете.
што ми свети младата невеста,

Како што беше споменато историјта не знае дали Марко имал деца. Посредно некои околности упатуваат на сознанието дека тој сепак немал деца. Овој податок го истакнуваат и некои песни. На пр. во една малешевска песна се пее дека кога „млади Марко умира премира“ имотот го остава на сестрите, а не на жената:

оти не е пород породила,
макар дете макар лута змија,
па ќе речат Марково е чедо!

Но народната песна го опева и податокот дека Марко имал деца и тоа со различни имиња.

Марко шета воз гората,
со негово Огнен дете.

Како што се пее во народните песни неговото дете ги има особините на својот татко и кога станува збор за јунаштвото и кога станува збор за пиењето или за некои други особини. Марковото дете единствено може да ја користи сабјата на својот татко, или единствено ќе ја испие чашата од седумдесет ока, онака како што тоа го правел самиот Марко. Како што се пее во песните Марко има и ќерка по име Ангелина. „милна ќерка Ангелина“.
Во песните за Марко покрај родителите, браќата, сестрите и децата се споменуваат и други негови роднини: стрико, вујко, девет шуреи итн.

Во народните умотворби и посебно во народните песни Марко е неразделно поврзан со неговиот коњ со име Шарец, Шарко, Шарконога, Шарцонога, Шарколија итн. Тој е со натприродни особини, исто како и неговиот стопан. Има необично голема сила, има крила и лета од планина на планина, пие вино, разговара со својот стопан, но и со други личности (мајка, жена), во клучните моменти го советува својот стопан или го спасува од некоја несреќа итн. Марко на необичен начин го добива својот коњ, како и оружјето, како впрочем што ја добива и својата сила. Од мајка му Марко разбрал дека татко му немал коњ туку витеза кобила.

Татко ти коњ тој не си вјаваше,
тој вјаваше витеза кобила;
кога умре татко ти Волкашин,
ја испуштив крај слано езеро,
кој ја знаит дал’ уште е жива.

Покрај езерото Марко не успеал да ја фати, „витеза кобила“, но тоа го направил со ждребето тригодишно. Откако не успеало да го отфрли тоа му се поклонило и го запрашало чие е колено, а кога разбрало дека е син на Волкашина му се предало по што тој си тргнал дома а, по него тргнала и кобилата.

Дошол Марко во Вароша града,
врзал Шарца в темна коњушница
и до него витеза кобила.

Во песните за Марко Крале важно место имаат децата јунаци: дете Дукадинче, дете Татомирче, Секула Детенце, потоа Голомеше, Малианче, Оливерче и многу други. Сите тие се истакнуваат со јунаштво, некои од нив дури за неколку пати се појунаци од Марко. Некогаш овие деца слично како и силните Арапи, имаат три или девет срца или неколку змии со срцето што им даваат голема сила. Во некои случаи тие излегуваат на мегдан со Марко, некогаш му помагаат, друг пат тој на нечесен начин и со измама ги погубува. Интересно е што во македонското епско народно творештво децата јунаци „се поврзани речиси исклучиво со Марко Крале“.

Во некои песни Марко е претставен и како голем пијаница. Тој е познат по тоа што многу пие вино и со вино го напива и својот коњ. Се споменува и чабур чаша од седумдесет или од осумдесет ока од која пиел Марко. Интересен запис за Марковата чабур чаша оставил Атанас Шопов (објавен во 1893). Врз основа на кажување на месното население тој сведочи дека таа чаша долго време се чувала во манастирот Трескавец. „Раскажуваат во Прилепско, дека во Трескавечкиот манастир се чува ‘Марковиот Чебур’ со кој тој секогаш се служел и кој собирал 77 оки вино. Се распрашав за таа Марковска чаша и ми кажаја дека таа до скоро се чувала во манастирот, но сега веќе ја немало. Луѓето што ја гледале таа ‘Чебур’ ми објаснуваа дека тоа била голема сребрена чаша, зачувана од стари времиња“.

Во народните песни за Марко Крале се споменуваат многу други јунаци. Марко како голем јунак, како турски вазал и како крал на Македонија секако имал контакти и со поистакнати личности од тогашниот политички и јавен живот на Балканот. Некои од овие личности се идентификувани, други остануваат неидентификувани, но со претпоставки за кои личности се работи. Некогаш пак, Марко се доведува во врска и со личности што живееле подолго време пред или по него, појава што се нарекува анахронизам. Од попознатите јунаци во овие песни најчесто ги среќаваме Беле од Костур, Темишвар Ѓуро, Јанкула војвода, Момчил војвода, Филип Маџарина, Рељо Шестокрило, Гино Дебарлија, Муса Кесеџија и др.
Во досегашните проучувања на песните за Марко Крале помалку внимание им е посветувано на лирските песни за него. Епските песни кај соседните народи, епските димензии на Кралот Марко, другите борбени дејствија опеани во нашата народна поезија повеќе биле предизвик за истражувачите. Секако, неоправдано во длабока сенка на овие песни останале лирските песни, низа љубовни, семејни, трудови, хумористични и други односи поврзани со Марко, а опеани во лирските песни. Интересот за овие песни датира од поново време и тој не може да ја смени ваквата оценка.
За разлика од епските песни во кои Марко е претставен во натприродна форма и во однос на физичкиот изглед и во однос на силата и подвизите што ги прави, но и во однос на ликовите што ги победува (Арапи, самовили, ламји, јунаци со голема сила итн.) во лирските песни Марко е обичен човек, човек од секојдневието, тој е домаќин, пречекува гости, се грижи за членовите на семејството.

Марко Крале го среќаваме и во свадбените песни. Песната „Синоќ Марко од Солуна дојде“ се пее „кога невестата оди кај зетот“. Не случајно оваа песна се пее и после првата брачна ноќ на младите. Низ неа се искажува желбата за броен и здрав пород, нешто што во сфаќањата на нашиот човек и во семејните заедници имало важно место.

Но обредни песни за Марко се исполнувале и на празниците кога, исто така, низ песни се велича поединецот и семејната заедница. Тоа особено се прави на празникот Водици и на Лазарева Сабота кога на секој член од заедницата му се пеела посебна песна. Кога станува збор за обредните празнични песни за Марко Крале треба да се споменат и велигденските песни каде што овој јунак се споменува многу често. Впрочем и велигденските песни воопшто содржат повеќе епски одлики во споредба со другите лирски песни, а остава впечаток и фактот дека тие опеваат и низа митолошки суштества. Но освен кај обредните песни Марко се среќава и во другите лирски песни како што се трудовите, семејните, хумористичните и другите песни.

Кога станува збор за целокупното македонско народно творештво за Марко Крале посебно значајно место имаат народните преданија за него. Многу мотиви во преданијата се совпаѓаат со мотивите од песните што има различни објаснувања. Такви се мотивите Марко ја губи силата, Марко ослободува три синџири робје, итн. Очигледно, некои лица повеќе се наклонети кон прозните форми на творештво, но може да се рече дека и со престанувањето на епското пеење кај нас многу од епските песни преминале во прозни состави. Кај некои од нив лесно се воочуваат одредени стихови, остаток од подолги епски песни.

Навистина како што истакнува К. Пенушлиски „на народната фантазија и било далеку полесно да создаде легенда за било каков феномен во природата и да го сврзе со било која личност што го импресионирала. (…) Па иако Крале Марко се среќава и во преданијата на сите балкански народи, речиси на секој чекор, неоспорно е дека за него се создадени и живеат најмногу преданија токму во Македонија чиј последен владар бил тој“.

Иако за Марко Крале се создадени голем број и најразновидни преданија, сепак, како што пишува Танас Вражиновски, во нив „во целина се опфатени следниве елементи од неговиот живот и дејствување: 1. Детството на Марко Крале и добивање на натприродна сила, 2. Борбите на Марко со разни други јунаци, 3. Марко Кралеви траги, 4. Повлекувањето на Марко од земскиот живот.“

Народното предание раскажува како Марко се стекнал со сила. Најпрвин Марко бил слабо дете кое сите деца го тепале. „Кралевиќ Марко пасел волови, воловарче бил. Ама као најслабо дете воловарите сите го тепали и го терали да им ги враќа воловите од кајшто им бегале“, се вели во преданието. Потоа Марко ја отепал змијата на еден брез што на самовилата и ги јадела самовилчињата и кога дошла таа задоволна од случката сакала на Марко да му направи некое добро: „Марко што сакаш бакшиш што ми ги спаси децава од оваа клета змија“, го прашала, на што тој одговорил дека сака само да е посилен да може да се брани од децата. Тогаш таа го повикала и му дозволила да цица самовилско млеко: „Оди цицни малку од мене“. Откако три пати цицал млеко од самовилта Марко станал многу силен, го фатил дрвото и го откорнал од корен. Потоа и децата почнал да ги тепа наместо да го тепаат тие него. “Коа децата после отидуат тамо кај нив, некое се пружи да го тепа. Кралевиќ Марко фани го со една рака, го фрла као партал двесте метра таму. И Кралевиќ Марко оттука станал јунак од таа самовила што цицнал млеко”.
Преданијата раскажуваат и за јунаштвата на Марко Крале, за кои се пее и во епските народни песни. Така на пр. во едно предание се раскажува за неговата пресметка со Филип Маџарина, во друго за средбата со Цар Мурат, во трето за борбата со Муса Кесеџија итн. Очигледно некои информатори имаат повеќе афинитет кон пеењето, други кон раскажувањето.
Поголем број градби во Македонија се поврзуваат со името на Марко Крале. Така на пр. се раскажува дека тој ги градел Марковите Кули до Штип, дека го градел Исарот, исто така во Штип, потоа калето Исар над Тетово итн. М. Цепенков запишал предание и за Марковите Кули до Варош за кои старите прикажувале дека се направени со голем зулум „ѓоа од Марка Кралета“. Коментирајќи ја клетвата на жените упатена кон Марко преданието истакнува дека, „За вистина, кај се слави изурнатото кале и него го нема“. И во други преданија како и во песните се истакнува дека Марко за некои нехумани постапки е колнат токму со таа клетва: името да му се слави, а тоа што го гради да не постои.
Со името на Марко Крале уште се поврзани Маркови Камења близу до Варош кај Прилеп, Маркова стапалка има кај Песјобрци кај Прилеп, кај Скопје имало Макова меана, каде што имало и три камења од Марка Кралета, што ги поставил кога како дете играл “артисуана”, Дупен Камен има кај Дебар, а во Струмичко има и Марков Камен и Марково Купито и Марков Клаенец. Со името на Марко Крале е поврзано и името Крвичево поради крвта што истекла по борбата на Марко со Турците.

Во повеќе народни преданија се раскажува дека Марко Крале се уште е жив. Народот не можел да се помири со фактот дека повеќе го нема неговиот последен крал, дека го нема неговиот заштитник, јунакот над јунаците кој може да го заштити од секое зло.

Народното предание раскажува дека Марко се повлекол кога се појавило огненото оружје, кога секој може да убие секого, кога и најмало дете може да го убие и најдобриот јунак. Но народот останувал со надежта дека Марко само привремено е отсутен, дека тој пак ќе дојде во најпотребниот момент за да биде со својот народ. Кон едно вакво предание во зборникот на Миладиновци уште е запишано: „Вељат че Марко Крале је безсмртен; и че се скри откога се изнајде пушката. Тои не вервеештем че таја имат таква сила, и че едно зрно олово можит да отепат човек, нар’ча на некои да устрелит на спружената му р’ка. Куршумот му предупи р’ката. Тога Марко рече: Не је за живеење на светов, кога и едно дете можит да отепа најдобриот јунак“. Според други преданија кога Марко се повлекол во пештера, сабјата ја закачил во карпата и таа полека излегува, а кога сосема ќе излезе и Марко ќе се врати маѓу народот.

Во преданието запишано и објавено од А. Мазон се раскажува дека Марко е заедно со Александро и со Јанкула, дека и тројцата имаат пиено „посмртна вода“ и дека поради тоа се бессмртни. Овој мотив секако е земен од преданијата за Александар Македонски за кого, исто така, се раскажува дека имал пиено ваква вода. Според ова предание “Јанкула и Марко живи се, ама не и знаи никој човек дека се. Дур не се промени дуњата, не може да излезе.” Ова предание сведочи дека еден човек, прилепчанец бил кај нив, ги видел и разговарал со нив и дека Марко на чудесен начин му помогнал да се врати во својот град. „Му каза тамо на каурите и на Турците: -Чешмите да и направите! Жив е Марко!“ Дека Марко е жив сведочат и повеќето пештери во кои кога човек ќе прашал дали Марко е жив, ќе слушнел одговор: „Жив е, жив“.
Очигледно е дека во целокупното македонско народно творештво ликот на Кралот Марко има значајно место. Во него се слеале многу пртстстави, многу сфаќања на нашиот човек од најстари времиња до денес.