Иако сè уште нема завршено средно образование, Барон Трамп, најмладиот син на Доналд Трамп, поранешниот претседател на САД, влегува во политичката арена.
Имено, како што пренесува „Politico.eu“, на националната конвенција за делегат на Републиканската партија е избран Барон Трамп (18).
Барон и уште двајца синови на Трамп, Доналд Трамп Џуниор и Ерик Трамп, ќе бидат партиски делегати од Флорида, каде што Трамп се пресели откако ја напушти Белата куќа. Интересно е што за делегат е избрана помалата ќерка на Трамп, Тифани Трамп Боулс, како и нејзиниот сопруг Мајкл.
„Барон е многу заинтересиран за политичкиот процес на нашата нација“, рече неименуван претставник на кампањата на Трамп.
Барон, кој многу порасна во последниве години, а кој успешно го држеше настрана неговата мајка Меланија, неодамна се најде во центарот на вниманието на јавноста кога Доналд Трамп се пожали дека судијата Хуан Мечан нема да му дозволи да присуствува на свеченоста по повод неговото матурирање.
Сепак, судијата Мечан дозволил Трамп да отсуствува од судењето и да присуствува на церемонијата, која ќе се одржи следната недела во академијата Оксбриџ во предградието на Палм Бич. Барон сè уште не објавил какви се неговите планови по дипломирањето.
Делегатите на Републиканската партија ќе учествуваат на националната конвенција што ќе се одржи во јули во Милвоки.
Иванка Трамп е единствената од петте деца на Трамп која останала надвор од политиката откако беше негов постар советник за време на неговиот четиригодишен мандат во Белата куќа. Како и нејзините други браќа и сестри, таа се преселила на Флорида.
Последните анкети покажуваат дека Трамп води пред Џо Бајден на Флорида за повеќе од десет процентни поени. Тој победи на изборите во оваа држава во 2016 и 2020 година.