Со 83 гласа „за“ и 17 „против“, пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени со кои ќе се одбегнат предвремени локални избори за градоначалници во општините Аеродром, Гостивар и Сарај.
Станува збор за измени на Законот за локална самоуправа, кој е системски закон и потребно е двотретинско мнозинство – поддршка од најмалку 80 пратеници во 120-члениот парламент.
Покрај пратениците од владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди), уште од претходно, поддршка за овие измени најавија и пратениците од опозициската ДУИ.
Измени на системски закони се очекува да бидат меѓу првите на дневен ред пред новиот парламент.
Пратениците од власта посочија дека станува збор за преодно решение кое ќе важи само до претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври следната година.
Досегашното законско решение предвидуваше дека една општина може да има в.д. градоначалник најмногу шест месеци, но со измените сега ќе се овозможи в.д. градоначалниците во Аеродром, Гостивар и Сарај да ги предводат општините до следните локални избори.
„Имајќи предвид дека до распишување на нови локални избори има помалку од 12 месеци и тргнувајќи од начелото на економичност и економската состојба во државата, како и краткиот рок за организација на овие избори, а потоа доаѓаат и редовните локални, продолжените законски решенија се со цел да ја постигнат целта поради која е предложен законот – односно да нема измени и овие кандидати за градоначалници да останат до одржување на редовните локални избори“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Измените беа изгласани околу 2:30 часот по полноќ.