Меѓународната опсерваторија за информации и демократија, наменета за борба против дезинформациите во дигиталната ера и поддржана од 43 држави, мора да биде создадена во рок од една година, објавија нејзините промотори за време на одржувањето на Парискиот мировен форум, јави дописникот на МИА.
– Предизвикот е државите да имаат јасни и споделени оценки за функционирањето на дигиталниот простор и неговото влијание врз демократијата, изјави генералниот секретар на Репортери без граници (РСФ), Кристоф Делоар.
Создадена е група која е задолжена да формира новата институција. Со неа ќе копретседаваат Шошана Зубоф, американски академик од Харвард, специјалист за „надзорен капитализам“ и мексиканецот Ангел Гурија, поранешен генерален секретар на Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД ). Во неа е вклучена и филипинската новинарка и овогодишна добитничка на Нобеловата награда за мир, Марија Реса.
Опсерваторијата ќе зборува со јавноста, ќе ја едуцира и ќе ја разбуди, ќе им помогне на владите давајќи им знаење од научните истражувања и ќе промовира меѓународен дијалог за овие теми, подвлече Зубоф.
– Потребна ни е организација која гледа што се случува во технолошките платформи, која не е само владина, туку работи за општиот интерес, додаде Реса, верувајќи дека демократиите, контаминирани од „вирусот на лагите“ се „на работ на пропаст“.
Станува збор за формирање на вистинска специјализирана група за информации, заклучи францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан, споредувајќи ја со меѓународната група експерти која се однесува на климатските промени.