Како подготовка за евентуален нов бран од коронавирусот на есен, од Министерството за здравство информираа дека во 16 општини ширум земјава ќе се формираат регионални Ковид-центри.
Здравствениот систем се подготвува за есенскиот бран на корона вирусот. Ќе се формираат регионални Ковид – центри во 16 општини. Предлогот на Комисијата за заразни болести го подржала локална управа на општините каде веќе постојат општи болници и тоа Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп. Од Министерството за здравство велат дека:
Целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на Ковид 19, без при тоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти. Станува збор за дополнителни времени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање на посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и прилагодување на одредени други капацитети кои би можеле да се адаптираат и користат како привремени Ковид центри.
Земјава во изминатиот период секојдневно забележува трицифрени бројки на новозаразени со корона вирусот иако е зголемен и бројот на излечени. Едно од поновите жаришта на ширење на корона вирусот е Штип. Од досега регистрирани 444 случаи активни се 172. Вчера таму беа потврдени 14 нови случаи а нив ги сочинуваа работници од пет текстилни фабрики и нивни блиски. На еднонеделен одмор од денеска се стотина работници од една текстилна компанија, каде изутрината се потврдени два случаи на ковид-19.
Од тамошниот Центар за јавно здравје велат дека во Штип не може да ги утврдат кластерите бидејќи вирусот е раширен насекаде. Каде точно заболеле новоинфицираните не знаат, а дека имале интензивни контакти покажале и епидемиолошките анкети на кои давале податоци во просек за 15 други лица.