Министерството за здравство подготвува нова стратегија за борба против пушењето – ќе се воведат построги мерки, а пушењето повторно ќе биде забрането и на затворените тераси од угостителските објекти. „Не можеме да имаме инспектори на секој агол, но ќе воведеме јасни правила и строги казни. Нема да има попуштање“, изјави заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, по повод Светскиот ден без тутун.Според него, постојат две опции: или ќе се направат измени на сегашниот закон, или ќе се изработи сосема нов закон со фокус на заштита на младите и санкции за прекршителите. Меѓу инспирациите е Франција, каде пушењето е забрането на јавни места во близина на деца – како паркови, игралишта и спортски терени. Лекарите веќе подолго време предупредуваат – децата во Македонија почнуваат да пушат многу рано, некои и на само 13 години.

Статистичките податоци од Светската здравствена организација покажуваат дека нашата земја има висока стапка на пушење, имено над 46 проценти од возрасните мажи и 27 проценти од возрасните жени користат тутун или производ што содржи никотин. На Светскиот ден без тутун, Аким Али, претставник на СЗО, предупредува дека 4.000 луѓе умираат од консумирање тутун во Македонија секоја година.

„Повеќе од 4 илјади луѓе умираат од пушење во оваа земја секоја година. Ова не е неизбежно, може да се избегне, може да се спречи. И ако не преземеме ништо, земјата се соочува со пад на населението, што има влијание врз економскиот и продуктивниот раст“, вели Аким Али.

Што се однесува до кампањите за електронски цигари на социјалните мрежи, директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска рече дека тоа ќе се регулира со закон.

Шефот на канцеларијата на СЗО во Скопјe, во својот говор, нагласи дека седум милиони деца во светот се пушачи. Тој рече дека е загрижувачки што седум од десет пушачи во земјава почнале да пушат на рана возраст.