„Мартин Саздов ја наведе да се самоубие“, рече Стојанче плачејќи во судница.

Кажа дека се чувствува виновен за првите две дела, а за третото не.

-Мартин ѝ се закануваше цело време, ѝ рече оди фрли се под воз, неговите зборови ги става во моја уста. Не можам да се смирам, Мартин Саздов ми го упропасти семејството, рече со плачење.

Обвинителката Адела Бојчевиќ, денеска, по рочиштето во Основниот кривичен суд Скопје против Стојанче Јовановски, изјави дека исказот на обвинетиот не ги исполнува законските услови за признание на вина поради што судот не го зел предвид и постапката продолжила со изведување докази. Законската застапничка на оштетените, адвокатката Неда Чаловска, изјави дека очекува обвинението да биде прифатено во целост.

Во изјава за медиумите Бојчевиќ рече дека признанието на вина, во согласност со Законот за кривичната постапка, треба да биде доброволно, јасно и без присила.

– Денешното признание на вина од страна на обвинетиот воопшто не е признание бидејќи, во согласност со Законот за кривичната постапка, во оваа постапка се знае како се дава такво признание. Треба да биде доброволно, јасно и без присила од никого. Поради тие причини, судијата не го зема предвид целосното признание, ниту го ценеше, и затоа продолживме со изведување докази, рече Бојчевиќ.

Додаде дека предметот го води од почетокот, од увидот на самото место и дека обвинението се темели на, како што рече, обемен доказен материјал.

– Јас овој предмет, овој настан и оваа голема трагедија ги водам од почеток, од моментот на увидот. Бев на самото место и за многу краток период собравме навистина многу голем доказен материјал, врз основа на кој се базира обвинението за сите три кривични дела што му се ставаат на товар на обвинетиот, додаде обвинителката.

Нагласи дека го почитува начелото на пресумција на невиност и дека товарот на докажување е на Обвинителството, при што посочи дека во постапката ќе бидат изведени голем број докази. Во однос на наводите изнесени во судница за Мартин Саздов, таа изјави дека и тој е предложен како сведок и дека ќе биде повикан.

– Во однос на Мартин Саздов, и тој е предложен како сведок, појасни Бојчевиќ.

Во врска со денешната одбрана на обвинетиот, обвинителката изјави дека ја гледа како „чиста манипулација во насока да се избегне кривична одговорност“, но како што рече, остава доказите да зборуваат сами за себе.

Законската застапничка на оштетените, адвокатката Неда Чаловска, изјави дека во други држави не е невообичаено сторители на континуирано семејно насилство да бидат гонети и осудени во случаи кога жртвите извршиле самоубиство додавајќи дека очекува обвинението да биде прифатено во целост.

– Сакам да кажам дека во другите држави не е толку чудно жртви на континуирано семејно насилство, кои се самоубиле, а сторителите, односно нивните интимни партнери или нивните сопрузи, да бидат гонети и осудени конкретно за овие кривични дела. Така што очекуваме во целост да биде прифатено обвинението затоа што во поширока смисла во меѓународното право самоубиство поради семејно насилство се смета за фемицид, изјави адвокатката на оштетените, Неда Чаловска.

Судскиот процес против Стојанче Јовановски се води за трагичниот настан од 2 март годинава кога неговата сопруга Ивана си го одзеде животот скокајќи од балкон заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.