Излегувањето на Велика Британија од Европската унија и по синоќешното гласање остана во ќор-сокак, откако британските парламентарци не изгласаа ниту една од опциите за Брегзит.
Британските пратеници не успеаја да обезбедат мнозинство ниту за еден од четирите предлози за излегување од кризата во однос на Брегзит, меѓу кои и опцијата за останување во царинска унија со ЕУ и нов референдум за членството на Велика Британија во ЕУ.
Пратениците од опозициската Лабуристичка партија беа повикани да го поддржат планот за примена на т.н. норвешки модел, според кој Велика Британија би ја напуштила ЕУ, но би ја задржала слободата на движење и би придонесувала во буџетот на ЕУ. Овој предлог беше наблиску до обезбедување мнозинство, но опцијата е поразена за три гласа. Предлогот за потврден референдум за кој и да е договор доби најмногу гласови, но и тој доживеа неуспех на гласањето со 292 наспроти 280 гласови.
Лидерот на лабуристите Џереми Корбин во писмо до пратениците да го поддржат тој предлог, како и предлогот за царинска унија, а од партијата беше побарано да ја поддржи и опцијата со која се повикува на потврден референдум.
Конзервативците добија слобода да гласаат по сопствено убедување, односно не добија насоки од Владата која опција да ја поддржат. За време на дебатата, 12 активисти за борба против климатските промени организираа протест на јавната галерија така што се соблекоа и ги открија слоганите на своите тела. Одделни демонстранти со лепак ги залепија своите дланки за стаклото на галеријата. По речиси 25 минути интервенираше полицијата и ги отстрани од платформата за набљудување. Тие се приведени поради непримерно однесување на јавно место.
Британската Влада, пак, синоќа соопшти дека ќе продолжи да го поддржува договорот за Брегзит кој премиерката Тереза Меј го постигна со ЕУ.
Секретарот за Брегзит, Стивен Баркли изјави дека договорот на Меј е единствен пат напред, имајќи ја предвид неможноста на Парламентот да најде јасно мнозинство за алтернативен аранжман.
Според него, почетната позиција е Британија да ја напушти ЕУ за 11 денови и, доколку Парламентот се согласи со договорот за повлекување, „можеби ќе успее“ Велика Британија да излезе од Унијата без учество на европските избори кон крајот на следниот месец.
Тој најави дека британската Влада ќе се состане денеска за да ги разгледа сите опции.
Британските пратеници вчера не донесоа никаква одлука, односно не успеаја да обезбедат мнозинство ниту за еден од четирите предлози за излез од кризата во врска со Брегзит.