Споменикот на Андон Лазов Ќосето, кој пред шест години беше отстранет од пред зградата на Врховниот суд од страна на тогашната градска власт, предводена од поранешниот градоначалник Петре Шилегов, изминатта ноќ беше поставен на кружниот тек кај хотелот „Континентал“ во Скопје, објави СкопјеИнфо.
Одлуката за враќање на споменикот беше донесена од Советот на Град Скопје во декември 2023 година.
„Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија. Андон Лазов Ќосето, познат по својата борбеност и непокор, е симбол на македонската историја и еден од истакнатите учесници во Илинденското востание. Неговата улога во револуционерното движење е од непроценливо значење за денешната слобода и независност на нашата држава“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Споменикот на Ќосето беше првиот што беше отстранет од проектот „Скопје 2014“ во 2018 година, по доаѓањето на СДСМ на власт.