„Архитектас Пројект Студио“, „Тхеас Енергу“, „Хелиос-Плант“, „Потам-Плант“, „Тхор Индустриес“, бачила со овци и секако, „Еверест ЏД“, се само дел од компаниите познати во јавноста, во рамки на бизнис империјата во рацете на најблиските роднини на Али Ахмети, објавува ТВ АЛФА.
Семејството Ахмети се има впуштено во бројни лукративни индустрии. Особено по 2017та, тие имаат основано компании за градежништво, архитектура, сточарство, енергетика и производство на струја, како и ископ на минерални суровини.
Пред 2017 активна е само „Еверест ЏД“ која безмалку две децении ископува варовник од каменоломот Буковиќ во Зајас, со концесија важечка до 2026та година. А од овој месец, во рацете на семејството Ахемти падна и атрактивниот бизнис центар во Скопје, „Соравија“. 90% од компанијата сега е во сопственост на „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската компанија „Пе-вла-ку ШПК“.„Тор индустрис“ ја поседува внукот на Али, Дрин Ахмети, кој пак е сопственик и на „Хелиос-Плант“, основана во 2018, „Потам-Плант“, формирано една година подоцна, во 2019 и двете за производство на струја, како и веќе познатата „Еверест ЏД“.
Во дел од фирмите сопственост има и братот на Дрин, Бесиaн Ахмети, како и нивниот братучед, а воедно и син на лидерот на ДУИ, Шкумбин Ахмети, кој пак самиот го поседува друштвото „Архитектас Пројект Студио“, коа како правно лице ја има основано енергетската компанија „Тхеас Енергу“.
Очигледно е дека на семејството Ахмети нагло им тргнало со бизнисите по 2017та година, но, претприемништвото и бизнис способностите на роднините на Али Ахмети не завршува тука. Покрај многубројните тендери кои завршија во компании кои важат за блиски до ДУИ, според бирото за јавни набавки, само „Еверест ЏД“ има добиено тендери тешки 130 илјади евра, односно 8 милиони денари, а имала пријавено само еден вработен. За јавноста е непознато како овој –еден- вработен успева да ископува минерали, да се занимава со градежништво, а истовремено и да зима огромни суми од парите на граѓаните преку тендери.
Компаниите на семејството Ахмети, беа спомнати и во видеата на Фатмир Лимани, внук на Али Ахмети, кој на неколку наврати преку снимки од дрон, насловени „Ова се сараите на Али паша од Зајас“, на јавноста и ги прикажа скапите автомобили, паркирани во големи и луксузни куќи, распослани по имоти од стотици метри квадратни.
Но и покрај ова, во анкетниот лист кој Ахмети го доставил до антикорупциската комисија, тој не вози ниту автомобил. Ахмети има пријавено само 700 метри квадратни земјоделско земјиште во соседна Албанија, во вредност од 30.000 долари, Куќа во Зајас од 100.000 долари, Фолксваген Поло на неговата сопруга, во вредност од 7 000 евра и безмалку 760 000 денари, односно околу 12 илјади евра на својата трансакциска сметка во банка, се вели во прилогот на АЛФА.