30 мај – Светски ден на лицата со мултипла склероза, наместо честитки, 60% зголемен буџет за биолошки лекови. Денес се одбележува Светскиот ден на лицата со мултипла склероза (МС), за подигање на свеста за оваа хронична болест и за поддршка на сите кои се соочуваат со неа. Имав можност на настан на Национално здружение за МС – National association for MS да споделам што Фонд за здравствено осигурување на Македонија има напревено и ќе направи за подобрување на здравствената заштита на лицата со МС, вели директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.

Во продолжение следува неговата објава:

Неколку важни податоци за МС во Македонија:

• Околу 2.300 лица со МС;
• Секоја година се дијагностицираат 100-120 нови случаи;
• 700 пациенти се на терапија, а 100 се дел од клинички студии, другите не им е потребна терапија или се на алтернативни терапии;
• од 200 пациенти што примаат биолошка терапија во 2025 г. бројот се зголеми на 250, додека 450 се на друга терапија;
• 50 чекаат премин на биолошка терапија.

Фондот досега се посвети на зголемување на опфатот со терапија и буџетот за третман со биолошка терапија на Клиниката за неврологија Скопје се зголеми на близу 400 милиони денари (околу 6.5 милиони евра) во 2025 година, од 250 милиони во 2024 година или зголемување од околу 60%! Со тоа нема да има пациенти што се на листа на чекање за биолошка терапија.

Следни чекори се децентрализација на терапијата:

• вклучување на нови центри за МС надвор од Универзитетската клиника за неврологија како ГОБ „8-ми септември“ (Скопје), Св. Еразмо (Охрид) и Клиничката болница Штип кои имаат капацитет и тимови за дијагностика и третман со биолошки лекови.
• Дистрибуција на лекови на 3 месеци наместо на 1 месец и анализа на можностите за дистрибуција преку инсулинските аптеки кои ги има во повеќето градови.

Придобивки од нови центри:

• Подобар пристап до терапија за пациентите низ цела Македонија.
• Растеретување на Клиниката за неврологија.
• Развој на регионалните болници и зголемување на нивните услуги.
За бањската рехабилитација, Фондот ќе одобри важност на решенијата од 6 месеци, наместо досегашните 2 месеци.
Заедно можеме да направиме разлика!