Шесте онколошки лека што недостигаат ќе бидат обезбедени неделава, уверува и денес директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, откога онколошки пациенти се пожалија дека веќе една недела немаат терапија. Дел од лековите ќе биде обезбеден со донација, а другиот дел со анекси на договорите.
„Се разрешуваат проблемите со недостиг на онколошките лекови и ќе бидат многу бргу решени. Сега доаѓам од состанок со директорот на Клиниката. Дел ќе биде решен со донации, кои ќе се реализираат во текот на неделата бидејќи лековите се присутни во Македонија, ги има резерва, а дел ќе биде со анекси на договорите. Тоа го расчистуваме денес и утре со јавните набавки, па мислам дека критичните лекови многу бргу ќе бидат достапни“, рече директорот Клековски.
Тој очекува оваа недела да биде одобрено речиси двојно зголемување на условниот буџет, пари со кои ќе се удвои и набавката на некои од критичните лекови.
„Од 3-3,5 илјади вијали бројот на лекови ќе се зголеми на 6-7 илјади вијали годишно, со тоа што таму мора да се разгледа и децентрализација на терапијата. Гледаме дел од таблетарната форма да биде на позитивната листа за да може да се подига надвор од Онкологија и ќе бараме начин како дел од биолошката терапија да се доделува надвор од Клиниката за онкологија. Ние имаме онколошки одделенија во ‘8 Септември’, Штип, Битола и во Тетово, кои во овој момент не третираат со биолошка терапија. Или ќе третираат или нема потреба да имаме онколошки одделенија што не работат“, рече директорот Клековски.
Според неговите очекувања, состојбата дополнително ќе се стабилизира со регистарот на пациенти, кој треба да обезбеди предвидливост на промените.