Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, денеска изјави дека властите на украинската престолнина го одобрија планот за евакуација во случај на руска инвазија, соопшти прес-службата на градоначалникот.
-Градските служби веќе работат на спречување на вонредна ситуација од воена природа. Нашите напори се насочени кон спречување или надминување на можни провокации и на спротивставување на воен напад, рече Кличко, цитиран од Тасс.
Според градоначалникот, „за Киев е одобрен планот за евакуација, што ја одредува локацијата на центрите за евакуација, потребниот број возила и безбедните региони за сместување на евакуираните“.
Загриженоста за наводните подготовки на Москва за инвазија на Украина во последно време се повеќе се изразува на Западот и во Киев.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги осуди ваквите изјави како празна и неоснована ескалација на тензиите, нагласувајќи дека Русија не претставува закана за никого.