Материјалната штета предизвикана од силни бури и поплави во индустриски развиените земји е зголемена повеќекратно од 1980 година, покажува анализа на германската реосигурителна компанија „Мјуних Ре“ (Munich Re).
Со вкупна штета од 2,7 билиони долари, САД се на врвот на листата на десетте најголеми економии погодени од природни катастрофи, следени од Кина со 680 милијарди долари.
Во Германија, каде што штетите се зголемени околу петпати, вкупниот износ за периодот 1980–2024 година се проценува на 210 милијарди долари – речиси колку и во Индија, која е на третото место.
„Мјуних Ре“ предупредува дека екстремните временски настани можат да ја поткопаат економската стабилност и на најголемите земји. Во Германија, катастрофалните поплави во долината Ар во 2021 година предизвикаа штета од 42 милијарди долари.
Извештајот укажува на силен раст на штетите и во Канада, Италија и Франција, додека помали зголемувања има во Индија, Јапонија и Бразил. Само Велика Британија, покрај Кина, бележи намалување на штетите во однос на националниот доход.
Според „Мјуних Ре“, причините се јасно поврзани со климатските промени – бурите не само што се почести, туку и поинтензивни од порано. (МИА)




