Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп осврнувајќи се на досегашниот дел од сезоната во Премиер лигата, рече дека и понатаму главен претендент за шампионската титула е Манчестер Сити.
„Граѓаните“ по 17 рунди се втори на табелата со еден бод заостанување зад Ливерпул.
-Бидејќи сум целосно објективен ќе кажам дека фаворит е Манчестер сити. Тие се многу добри. Актуелни шампиони и се уште играат како шампиони. Мислам дека желбата што ја гледам кај нив, откако станаа шампиони минатата година, е посебна, изјави Клоп.
Тој за неговиот тим вели дека игра одлична сезона.
-Ние ќе се обидеме да ги симнеме од тронот. За да успееме во тоа мора да се концентрираме на секој натпревар и да не ни биде резултатот императив. Има уште многу до крајот, истакна Клоп.
Неговиот тим нема изгубено ниту еден натпревар од почетокот на сезоната. „Црвените“ победија на 14 средби, три одиграа нерешено. Ливерпул по трет пат во историјата не губи во првите 17 рунди. Истиот резултат го постигна и во сезоната 1949/50 (потоа заврши на 8.место), како и во сезоната 1987/88 (стана шампион).