Она што сега му треба на регионот е европска перспектива, а не да дискутираме за проблеми од историјата. Словачка е силен поддржувач на процесот на проширување на Западен Балкан, вклучително и на Македонија и на Албанија. Сметаме дека ова е важен процес не само за регионот, туку и за самата Европска Унија и затоа Словачка е една од најгласните земји кои секогаш се обидуваат да ја туркаат оваа агенда, вели во интервју за МИА словачкиот заменик-министер за надворешни работи Мартин Клус.
Клус е оптимист за почеток на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ во првата половина на годинава.
– Треба да се фокусираме на кредибилна перспектива на проширување и на зголемен ангажман на ЕУ на Западен Балкан, што е на агендата уште од 2018 и верувам дека треба да ја следиме оваа агенда и затоа се надевам дека тоа ќе доведе до отворање на првата меѓувладина конференција во јуни или јули, вели Клус во интервјуто за МИА.
Тој порачува и земјава да се фокусира на владеењето на правото, како една од фундаменталните вредности во Европската Унија.
Европската Унија се подготвува за стратешка дискусија за Западен Балкан – прво беше закажана за 19 април, но потоа се одложи за во мај. Словачка е силен поддржувач на интеграцијата на регионот во ЕУ. Вие лично имате активна улога во сето тоа. Зошто Словачка, заедно со уште осум земји членки, токму сега ја иницираа оваа дискусија во Унијата?
Најнапред Ви Благодарам за можноста да говорам на ова интервју. Најпрвин сакам да ве уверам дека Словачка е силен поддржувач на процесот на проширување на Западен Балкан, вклучително и на С. Македонија и на Албанија. Сметаме дека ова е важен процес не само за регионот, туку и за самата Европска Унија и затоа Словачка е една од најгласните земји кои секогаш се обидуваат да ја туркаат оваа агенда, вклучително таа да се најде на Советот за општи работи на ЕУ, Советот за надворешни работи, како и на лидерскиот Самит на ЕУ.
За жал живееме во комплицирани времиња, и морам да кажам дека за време на пандемијата во последните месеци се соочуваме со успорување на се, вклучително и на дискусиите за процесот на проширување. Од друга страна, имаме и добри вести, на пример тандемот од САД и ЕУ за многу стратешки прашања, а прашањето за мултилатерализмот е важно за Словачка, а верувам и за С. Македонија, што исто така може да доведе до побрз процес на проширување за С. Македонија. Јас сум оптимист и се надевам дека со крајот на пандемијата или барем со ублажување на ситуацијата наскоро, процесот на проширување ќе се одвива побрзо.
Изразивте директна поддршка за земјава, можете ли да ни кажете како ја оценувате европската перспектива на Северна Македонија и дали можеме да очекуваме дека оваа година ќе се одржи првата меѓувладина конференција? Дали има изгледи Северна Македонија и Бугарија да го решат билатералниот спор?
Веруваме дека Европската Унија треба да си стои на своите правила и на својата Агенда, на која сите земји членки се согласуваат. Треба да се фокусираме на кредибилна перспектива на проширување и на зголемен ангажман на ЕУ на Западен Балкан, што е на агендата од 2018 и затоа верувам дека треба да ја следиме оваа агенда и затоа се надевам дека тоа ќе доведе до отворање на првата меѓувладина конференција во јуни или јули. Разбираме дека има одредени проблеми кои се обидуваме да ги решиме, но она што за нас не е прифатливо е да ги раздвоиме Северна Македонија и Албанија во овој процес, бидејќи веруваме дека ако двете земји ги почнат преговорите заедно, ќе биде многу полесно за овој регион. Затоа Словачка поддржува да почнат преговорите што е можно побрзо.
Како го коментирате нон-пејперот што се појави неодамна за прекројување на границите на Западен Балкан, кои би биле последиците доколку се оствари такво сценарио?
Нон-пејперот нема автор. Тоа е сепак нон-пејпер. Никој не сака да биде поврзуван со вакви опасни идеи што ги гледаме во него. Верувам дека ако некој сака да започне дискусија, ќе го направи тоа. Но, за мене, најважниот момент е дека Европската Унија, САД, вклучително и некои земји членки, меѓу кои е и Словачка, јасно кажаа дека тоа за нас не е прифатливо и мора да се држиме до денешната ситуација, вклучително и границите и нашата агенда, којашто ја започнавме пред неколку години. Она што сега му треба на регионот е европска перспектива, а не да дискутираме за проблеми од историјата.
Владата усвои Агенда Европа дома, со фокус да се донесат европските стандарди во земјава. Како ги оценувате реформите во земјава, на што треба да се посвети поголемо внимание, каде имаме слабости?
Го цениме она што Северна Македонија го прави во врска со реформскиот процес, знаеме дека напредокот не е лесен, особено не во време на пандемија, од друга страна сметаме дека е вин-вин ситуација ако Северна Македонија се реформира, особено во областа на владеењето на правото, што тоа и за нас во Словачка е од голема важност, и е една од фундаменталните теми во Европската Унија.
Секако пред Северна Македонија стојат и други важни реформи, на пример во земјоделството, во администрацијата… но да се фокусираме на владеење на правото што е еден од темелите. Среќен сум што оваа тема е важен дел од дискусиите на Националната конвенција што се одржува во Северна Македонија во последните неколку години.
Со какви потешкотии се соочи Словачка во преговорите со ЕУ. Во кои поглавја имавте најмногу потешкотии?
Ова е добро прашање. Во тоа време студирав, а при крајот на 90-тите години и го следев процесот и до најмал детал. Процесот не беше лесен се додека Словачка не го започна преговорите две години подоцна од нејзините соседи. Немавме многу време и направивме неколку грешки. Ова им го пренесов и на моите колеги во Северна Македонија, на министерот за надворешни, на заменик претседателот на Владата и на заменик министерот за надворешни, како и на пратениците, дека сме подготвени да го споделиме искуството од процесот за ЕУ-интеграција како и за грешките што ги направивме со надеж дека нема да го повторите истите грешки.
Ако ме прашувате конкретно со какви проблеми се соочивме, можам да кажам дека на пример, земјоделската политика беше еден од тие проблеми. Се разбира имаше и други поглавја, како на пример реформи во судскиот систем, администрацијата во земјата. Се уште се соочуваме со некој вид проблеми бидејќи, нормално, никој не е совршен. И после 17 години како членка на ЕУ, се уште има простор за подобрување.
Со поддршка на SlovakAid и УСАИД во земјава од 2017 започна Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија на која се разменуваат искуства поврзани со пристапните преговори. Многу словачки експерти досега го дадоа својот придонес преку размена на искуства. Како ја оценувате работата на Националната конвенција и на кој начин тоа ќе му помогне на преговарачкиот процес?
Се сеќавам на Националната конвенција во Словачка во 2002-2004. Мојата дипломска работа беше на таа тема. Тоа е важен дел од процесот за да се влезе во ЕУ, бидејќи тоа е совршено место каде граѓаните може да се фокусираат истовремено и на национални и на ЕУ-прашања. Горд сум што наши експерти се дел од дискусиите во Северна Македонија и сметам дека е одлична можност за споделување на искуства. Се надевам дека може ќе придонесе кон тоа Северна Македонија да биде вклучена во дискусијата што следи за неколку дена во Стразбур на тема „Конференција за иднината на Европа“. Бидејќи тоа ќе биде конференција за иднината на Европа, ќе треба да дискутираме не само за иднината на ЕУ туку и за иднината на земјите кои наскоро ќе и се придружат на Европската Унија.
Тоа беше и моето следно прашање, можете ли да ни кажете повеќе детали за новата иницијатива на ЕУ наречена „Конференција за иднината на Европа“?
Ценам што веќе започнавте со таканаречената дигитална платформа, што им овозможува на сите во ЕУ да ги разменат своите ставови за каква треба да биде иднината на ЕУ преку дигитални средства. Чекаме пандемијата да помине секаде во Европа за да почнеме вистински дебати со граѓаните од земјите членки на Унијата во нивните региони и во нивните градови.
Дефинитивно има потреба од такви дискусии, бидејќи еден од главните проблеми во ЕУ е дека граѓаните не се фокусираат на проблемите на ЕУ, повеќе се фокусирани на локални и национални прашања. Владата во Словачка навистина ги цени дискусиите што ќе започнат на 9 мај и ќе ни биде драго доколку Северна Македонија учествува. Подготвени сме да дојдеме во Северна Македонија за таква дискусија и ќе ни биде исто така драго доколку луѓе од Северна Македонија дојдат во Словачка и во други земји на Европската Унија.
Како ја оценувате билатералната соработка меѓу двете земји? Дали има можности за зајакнување на економската соработка?
Пред се, навистина цениме откако ја отворивме Амбасадата во Скопје во 2009, а Северна Македонија треба наскоро да отвори амбасада во Братислава, што е важен дел од нашите билатерални односи. Верувам дека со присутвото на Северна Македонија на амбасадорско ниво во Братислава ќе се придонесе кон нови аспекти за билатерална соработка. Исто така, треба повеќе да работиме да ги зајакнеме економските односи и контактите меѓу граѓаните. Се надевам штом заврши пандемијата ќе можеме да започнеме со активности за таква соработка во повеќе сфери, култура, образование и, како што напоменав, економијата, бидејќи бизнисот е најдобар начин како да се зајакнат односите помеѓу две земји.
Неда Димова Прокиќ
Фото: Фросина Насковиќ
Видео: Аслан Вишко