„На Македонија и’ е потребен трет Илинден. Затоа, ве повикувам, заедно да упатиме молитва за Македонија, за Македонците, а притоа да не заборавиме дека зборот Македонија подразбира, прво – просторен милениумски континуитет на македонскиот јазик, идентитет и народ, и второ – македонскиот национален субстрат го сочинуваат Македонците кои што живеат во државата Македонија, во соседството и низ целиот свет“ – порача денеска од Научната конференција во Крушево – „120 години од Илинденското востание“, прeтседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев.
„За жал, сведоци сме дека денес, 30 години од прогласувањето на нејзината независност, Македонија повторно е поробена земја, протекторат, вазал, банана-држава, неоколонијален феуд. Изберете кој сакате од овие термини и нема да погрешите. А за тоа исклучиво се виновни дел од македонските политичари кои во минатите 30-тина години, одржувајќи лукративни, сервилни и недостоиствени форми на владеење, поточно би рекол – дивеење, ја трансформираа Mакедонија од слободна во поробена земја вo која целосно се суспендирани и македонскиот уставен поредок и правниот систем“, истакна академик Љупчо Коцарев, претседате на МАНУ.
На Научната конференција, која беше организирана без никаква поддршка и помош од државата, беа промовирани и две публикации, Зборникот „120 години од Илинденското востание“ и „Илинденски сведоштва – Документи“, во издение на Институот за Национална историја.
„Во Македонија немате ниту една друга Конференција на вакво ниво, како што е оваа организирана од Матицата на исленеците од Македонија, што значи дека ние само како индивидуалци и како луѓе кои што ете си ја сакаат и си ја почитуваат сопствената држава, се решивме да бидеме дрски и безобразни за да им опонираме на оние кои што сакаат да ја избришат македонската историја и да ги лишат нашите идни поколенија од чувството на припадност или на достоинство кои што им го даваат Илинденското востание и, се разбира, Асномските решенија“, рече проф. д-р Катерина Тодороска, научен советник од Институтот за Национална историја.
„Македонскиот народ има своја истoрија, има своја содржина, во двете востанија, двата Илиндена, и оној од 1903, и од 1944-тата година. Тоа претставува врвен чин не само на слободарските пориви на македонскиот народ, бидејќи Вапцаров е прв кој што вели „Со Илинденското востание внесовме народна содржина, со крвта на простиот народ внесовме народна содржина, а тоа значи дека македонскиот народ создава своја историја“, – кажа проф. д-р Наташа Котлар – Трајкова, научен советник од Институтот за национална историја.
Инаку денешната Научна трибина, и покрај тематските содржини кои се директно врзани со јубилејот и со значењето на двата Илиндена, од нејасни причини, не е внесена во официјалната програма за Илинденските чествувања.