Периодот на владеење од 2017 година до денес најдобро се карактеризира, според моето мислење, со синтагмата „понижена држава“, дури може да се искористи терминот „демакедонизација на Македонија“, изјави претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев во денешното интервју со новинарот Љупчо Цветановски во рамки на емисијата „Што не е јасно?“ на ТВ Алфа.
„Притоа, понижувањата се предизвикани и од домашните и од надворешните потреби, а сите имаат заеднички атрибут: владеење. Ова е време кога владејачките елити се впуштија во другата крајност – национален инженеринг преку бришење на сите одлики на современата македонска нација, со образложение дека тоа е услов за европска интеграција“, посочи претседателот на МАНУ.
Но ако е точно тоа што го вели Пендаровски, цени академик Коцарев, дека „ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција“, тогаш се поставува прашањето за причините и последиците од вештачкото конструирање и ребрендирање на разновидни северномакедонски ентитети, одредници, идентитетски маркери и слично – односно, на сè што нужно води до постепено деградирање и конечно згаснување на македонскиот идентитет.
„Тридецениската континуирана криза во која се наоѓа Македонија, како и засиленото присуство на значително количество бескорисни и/или манипулирани информации, особено во текот на изминатите неколку години, доведоа македонските граѓани да бидат не само дезинформирани за суштината и последиците од брзоплетите и непромислени политички одлуки од национално значење туку и од колективна апатија, па и аномија. Со тоа се остава простор, политичките центри на моќ, неретко во симбиоза со економските, да ја користат државата за свои лични цели, кои се апсолутно спротивни на државите интереси и на она што е јавно добро (res publica).
Зошто понижена држава? Фактите дека: (1) Грција и Бугарија ги немаат ни потпишано (или ратификувано) Рамковната конвенција за почитување на националните малцинства и Повелбата за регионални и малцински јазици, (2) според нивните официјални политики и документи, во Грција и во Бугарија нема малцинства и (3) е забранета регистрација на политички партии или културни здруженија на Македонците, кои немаат ни можност за образование на мајчин јазик, немам намера да ги коментирам – оставам прогресивните мислители во двете земји да проговорат за нив. Меѓутоа, фактот дека со Спогодбата од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, ние, во името на надежта за европска интеграција, се откажавме од Македонците во Бугарија и во Грција и од одбрана на нивните права, е застрашувачко, понижувачко, нечовечно, апсурдно, бесмислено – немам зборови со кои можам да го опишам тој чин. Како се чувствуваат Македонците во Егеј и во Пирин, нивните потомци во Македонија и во светот, по фактот дека македонската држава ги избриша нив? Зар тоа не е предавство? Што мислите вие?“ -праша претседателот на МАНУ во интервјуто за „Што не е јасно?“ на ТВ Алфа.