Мудро дејствување на надворешната политика значи реализирање на прифатените обврски, но не и одење чекор понатаму и исполнување повеќе од прифатените обврски, вели академик Љупчо Коцарев во интервју со новинарот Љупчо Цветановски во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
„Лидерите на Македонија конечно и еднаш засекогаш треба во одлуките што ги носат да даваат јасна предност на аспирациите на македонскиот народ пред желбите на моќните суперсили. Мудро дејствување на надворешната политика значи реализирање на прифатените обврски, но не и одење чекор понатаму и исполнување повеќе од прифатените обврски. Сè што е надвор од договорените и прифатените обврски, мора да биде исклучиво во интерес на Македонија. Основните решенија за Македонија се: прво, опстојба дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат словенски, не бугарски, карактер, и второ, приспособување и имплементирање на европските вредности, но без инсистирање, по секоја цена, на полноправно членство во ЕУ. За жал, денес сме соочени со непринципиелни уцени и закани врз основа на ненаучни аргументи, бесмислено барање дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик имаат бугарски корени, и недостоинствено и понижувачко барање Македонија да ја дефинира македонската национална генеза по барање на соседна држава. Македонија, се надевам, нема да отстапи од одбраната на македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, порачува поранешниот претседател на МАНУ.
„Геополитичката позиција на нашата земја е обременета од нејзината асиметрична положба во однос на соседите – членки на Европската Унија. Уште повеќе, геополитичката позиција на Македонија е оптоварена и од неуспехот на неолиберализмот, особено од политичките кризи кои претставуваат вистинска рефлексија на неговото влијание и поттикнуваат длабоки социјално-политички последици, популизам, национализам и верски радикализам, во глобални рамки. Во поголемиот број држави, во последните десетина години, беа прифатени национализмот, ксенофобијата и милитаризмот, при што сè повеќе се забрануваа слободата на печатот, академската слобода и слободата на говорот. Подемот на пазарниот фундаментализам, религиозниот фундаментализам и на политичкиот фундаментализам има длабоки корени во повеќето општествени сфери и научни области, како и во културата и во образованието.
Една африканска поговорка вели: „Кога се тепаат слоновите, страда тревата“, чие значење, парафразирано, во геополитички контекст, може да се пренесе на повеќе нивоа: на регионално (Југоисточна Европа, Европска Унија), континентално (Европа) и на светско ниво. За жал, во минатите триесетина години, политичарите во Македонија не се снајдоа, делумно од неукост, но делумно и од лукративни причини, во управувањето со кормилото на бродот Македонија среде бурните геополитички превирања“, потенцира академик Коцарев во „За или против“ на ТВ Алфа.