Граѓаните, па така и професорите, научните работници и политичарите, имаат право да го определат сопствениот национален идентитет, вели академик Љупчо Коцарев во интервју со новинарот Љупчо Цветановски во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа, меѓутоа, тие што извршуваат раководни функции, на пример, раководни функции во извршната, законодавната или судската власт, тие кои се раководители на стожерните државни институции, на пример, директори на национални институции, сите, без исклучок, без разлика на нивната национална припадност, имаат општествено одговорна задача да се грижат за македонскиот јазик, македонската книжевност и за македонството.
„Дисциплината историја постои под претпоставка дека нашето минато, сегашност и иднина, се поврзани преку одреден континуитет на човечки искуства. Оттука, иднината може да се замисли со помош на истите способности, капацитети, моќи, коишто овозможуваат да го замислиме минатото. Денес, Македонија се наоѓа во противречна и конфузна состојба – за нашата европска иднина, треба да замислиме иднина без нас. Меѓутоа, јас никако не можам да ја замислам Македонија без Македонците, па затоа посакувам Македонците да се обединат околу градењето достоинствена иднина во која македонството ќе биде нашето суштествување“ вели академик Коцарев.
Во однос на институционалните соработки, тој потенцира дека треба да се поддржи само соработката на МАНУ со оние институции, вклучувајќи ги и академиите, кои го почитуваат научниот факт: Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на својата држава.
„МАНУ претставува еден од темелите на државноста на Република Македонија. Сите граѓани, не само претседателот на МАНУ, што раководат со такви стожерни институции, во текот на својата работа и дејност, според мое мислење, треба да се водат од следните премиси: (1) длабока грижа за проблемите и прашањата од јавен интерес – социјални, економски, образовни, научни, културни и политички; (2) чувство на лична одговорност за државата и решавање на овие проблеми; (3) склоност да се гледа на политичките и социјалните прашања како на морални прашања; (4) чувство на обврска да се бараат крајно логички заклучоци – во мислењето и во животот – по која било цена; (5) убедување дека работите не се такви какви што треба да бидат и дека треба да се стори нешто за да се предочи таа состојба. Оттука, не мислам дека мојот пристап во водењето на Академијата беше смел – пристапот во кој се вградени петте премиси, а не сервилноста и лукративноста, според мое мислење, треба да биде водилка за секој челник на стожерните државни институции“ посочува Коцарев во интервју за ТВ Алфа.