Секретарот на Општина Тетово, Дарко Коцевски се огласи преку социјалните мрежи, по како што вели, безобразните лаги и дезинформации кои овие денови ги ширеле против него.

Коцевски вели дека ваквите лаги имале за цел да го инволвираат во нечисти политички интриги, со цел предизвикување на меѓуверски и политички тензии.

-Сакам да потенцирам дека како секретар на Општина Тетово, немам ниту донесено ниту потпишано било какво решение за отстранување на Крстот во дворот на Манастирот на Попова Шапка. Воедно сакам да разјаснам, дека јас како секретар на општината ниту имам овластувања ниту ингеренции да донесам такви управни акти согласно Законот за инспекциски надзор, туку овластените градежни инспектори се самостојни во своето постапување. Загрижувачки е претставници на СДСМ кои се носители на високи јавни функции и кои согласно својот професионален ангажман биле директно вклучени во законскиот надзор на спроведување на законите, да шират небулози.

Би сакал да ги прашам според кои законски акти Секретарот на која било Општина носи решенија за уривање или пак, управни акти за понишување на такви решенија?

Поради тоа што моето име е ставено во политички контекст, би го поставил и прашањето според кои Закони за кои можеби не сум свесен, политичките партии носат решенија за уривање или пак истите ги укинуваат?
До загрижените лица од СДСМ кои ме спомнуваат во пресови, би им порачал дека има теми кои не треба да се користат за собирање на ситни политички поени и во таа насока апелирам да не се злоупотребуваат верските чувства на граѓаните, бидејќи јас како човек не ги делам луѓето според својата вероисповест.

На “новинарите” од порталот Инфомакс и други портали кои синхронизирано со некои политички партии шират невистини, клевети и навреди, би им порачал дека треба да разликуваат што е секретар на Општина, што е Генерален секретар, а што е Државен секретар и кои се нивните ингеренции, а за сите други клевети согласно Закон ќе следат соодветни правни акти, објави Коцевски.