Членови на спортско риболовното здружение „Кочански рибар“ денеска извршија порибување на акумулацијата Гратче кај Кочани со повеќе од 300 килограми крупен крап.
Ова е петта акција за збогатување на рибниот фонд откако здружението ја презеде концесијата за браната, при што во водите на езерото беа пуштени примероци со тежина од околу два килограма.
– Целта на ова порибување е да се обезбедат крупни примероци риба кои веднаш ќе започнат со мрестење. За да го спречиме изловувањето додека трае мрестот воведена е забрана за риболов што ќе трае до средината на идниот месец. Набавката ја извршивме од сертифициран рибник, а потрошивме околу 70 илјади денари сопствени средства, рече Димитар Димитров, претседател на спортско риболовно здружение „Кочански рибар“.
Димитров ги потсети риболовците дека и по завршувањето на забраната останува законската обврска да не се ловат примероци со тежина над пет килограми, туку задолжително да се враќаат во водата, што барем досега се почитувало.
Интересот за риболов на браната Гратче е голем и досега се издадени над 100 годишни дозволи, а дополнително се продаваат и дневни дозволи.
Од здружението „Кочански рибар“ најавуваат дека во текот на есенските месеци ќе извршат уште едно порибување, а во план е да организираат и регионален риболовен натпревар.