Министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска, денеска изјави дека локалните самоуправи веќе ги добиле 250-те милиони евра, средствата наменети за нив од унгарскиот кредит.
– Локалните самоуправи ги добија оние четири милијарди и шестотини милиони денари од минатата година и годинава исто така добија средства. До каде се во постапките, ќе треба поединечно да се види со секоја институција што е одговорна. Ако се инфраструктурни проекти во општините, ќе треба да се праша во Министерството за транспорт. Ако е дел нешто од образованието, за училишта, доградби, реконструкции и слично, во Министерството за образование. Немам информации до каде се со потпишувањето на меѓусебните договори, помеѓу општините и надлежните министерства, појасни министерката на новинарски прашања, на прес-конференцијата што ја одржа во медија центарот на Владата
Запрашана, во контекст на поддршката за локалните самоуправи за вториот повик и околу тоа колку средства се побарани од Министерството за локална самоуправа за апликациите поднесени по вториот повик, министерката Димитриеска – Кочоска одговори дека секоја институција побарала толку средства, колку што смета дека ќе ги изреализира во тековната година.