Измените на законот со кои се налага преименување на бугарските клубови и организации во Македонија, имаат повеќе пропагандна функција и се подложни на тужби, се вели во реакциите од Министерството за надворешни работи на Бугарија.

– Се чини дека практиката на нивната примена во моментов е ранлива на тужби во секој нејзин елемент. Наместо тоа, се чини дека со нивното воведување се бараше некаков пропаганден ефект, а не вистинска правно заснована норма, смета Желјаско Радуков, државен експерт од Дирекцијата Југоисточна Европа на бугарското МНР.

Законската обврска за преименување во рок од три месеца на веќе отворените бугарски клубови Ванчо Михајлов во Битола и Цар Борис Трети во Охрид поради поврзаност на двете личности со нацизмот, фашизмот и Третиот рајх, ја оспори и заменик-министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев.

– Таквото однесување е само во корист на фактори или трети страни, кои имаат интерес да ја попречат европската интеграција на нашиот сосед, изјави Коџабашиев.

Тој смета дека постои сериозна загриженост дека со законските измени се ограничува правото на здружување во Македонија.