Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас за денеска најави дека ќе ги потпише, а утре наутро ќе ги испрати писмата до ЕУ и НАТО, дека Грција нема да се противи за европска и евро-атлантска интеграција на Македонија, што е исполнување на нејзинот дел од обврските од Договорот за решавање на спорот за името.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас говорејќи пред новинарите на крајот од конференција на грчкиот остров Родос во петокот, потврди дека ја добил нотата од македонското МНР дека Договорот е ратификуван.

– Во мојата дипломатска канцеларија ги имаме од завчера подготвени писмата. Одбрав да ги потпишам самиот во Брисел во недела за во понеделник наутро да се достават до Европската унија и НАТО. Тоа се писма кои велат дека бев известен од другата страна за ратификацијата на Договорот во Собранието и дека врз основа на обврските и предусловите кои ги имам поставено, може да продолжат напред, рече Коѕијас.

Тој објасни дека за да има напредок „потребен е позитивен договор на Советот за општи работи, а таму постојат тешкотии“, бидејќи, како што рече, има земји што се спротивставуваат во овој момент да се даде датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Се мисли на Франција и на Холандија. Во меѓувреме холандскиот парламент даде зелено светло за Македонија, но францускиот претседател останува на своите позиции. Всушност тој во неговиот план за иднината на Европа јасно кажа дека сега нема место за теми како што е проширувањето. Заради неговите позиции, американскиот државен секретар Мајк Помпео му испрати писмо од три реда во кое бара да води грижа за македонската кандидатура. Македонскиот премиер, Зоран Заев, пак, се надева дека ќе може да го омекне срцето на Макрон, за тој да попушти.

– Нема да биде добро да се случи такво нешто, коментираше шефот на грчката дипломатија и објасни дека проширувањето на ЕУ со Македонија и Албанија ќе се разгледува во понеделник наутро.