“Пред две години, на Велигден, успеав да застанам на нозе, токму овде пред моштите на Св. Гаврил Светогорец. Бев клекната пред нозете на отец Дамаскин и ја слушав неговата молитва. Во моментот се појави некое необјаснето чувство, топлина… Не, не можам да објаснам… но, болката исчезна, искривените прсти на стапалото ми се исправија, а јас за првпат после толку време немав никаква болка. Почувствував дека сум здрава, раскажува 16-годишната кочанчанка Лора Минова.

Лора Минова, девојчето од Кочани кое беше излечено по молитвите кон Свети Гаврил Светогорец во Лесновскиот манастир, денес е вистинска девојка. На шеснаесет години ужива во средношколските денови, учи, излегува со другарките, се забавува, но не заборава да се заблагодари на Бога што и помогна токму тогаш кога докторите беа беспомошни и дигнаа раце пред нејзината болест за која немаше дијагноза.

Најмалку еднаш во неделата таа доаѓа на литургија во Лесновскиот манастир да се исповеда кај нејзиниот духовен отец, да помогне околу уредувањето, да ужива во убавините на манастирската идила.

И не само тоа. Таа манастирот го посетува и со своите најдобри другарки со кои, освен за вообичаените тинејџерски теми разговара и за духовноста. Невообичаено, но оваа млада девојка ужива да го чита и Светото писмо.

Импресионирана е од пожртвуваноста на Пресвета Богородица, па честопати ја прашува мајка си зошто не ја крстиле Марија.
Лора и на првиот ден од страстната седмица, заедно со мајка и Олга беше во манастирот и учествуваше во подготовките што се вообичаени пред големиот христијански празник, кога во манастирот се очекуваат неколку стотици посетители.

Лора не е многу зборлеста. Мила и благородна, со ангелска насмевка која само протезата на забите ја издава дека е модерна тинејџерка. Сепак, ни раскажа дека Велигден е посебен празник за неа. Го чувствува како свој втор роденден бидејќи токму на големиот христијански празник се случило и нејзиното избавување од подлата безимена болест, нејзиното воскреснување.

– Пред две години, на Велигден успеав да застанам на нозе, токму овде пред моштите на Свети Гаврил Светогорец. Бев клекната пред нозете на отец

Дамаскин и ја слушав неговата молитва. Во моментот, се појави некое необјаснето чувство, топлина… Не, не можам да објаснам… но, болката во прстите исчезна, искривените прсти на стапалото ми се исправија, а јас за прв пат после толку време немав никаква болка. Почувствував дека сум здрава. Без никој да ме придржува, после молитвата, тргнав зад отецот, самата зедов свеќа да запалам… моите родители не беа свесни што се случува… не беа ни свесни дека јас не сум веќе она дете кое со месеци го носеа на раце, од клиника на клиника низ скопската Државна болница. Со месеци од одделение на одделение, бараа помош, бараа да се дијагностицира болеста која ми ги грчеше стапалата и ми ја земаше свеста, ме лекуваа од сите можни болести со сите можни лекарства, но болеста не можеа да ја откријат ни нашите, ниту пак врвни доктори од Франција, раскажува тивко Лора, а во исто време, нејзината Олга, мајка и, со трепет гледа кон своето чедо и ниша со главата како да не верува низ каква голгота поминале пред две години, сите заедно, целото семејство.

– Велигден е вториот роденден на Лора. Слава му на Бога, тоа беше искушение низ кое сите, цело семејство моравме да поминеме. Долги месеци беа, но благодарение на верата во Бога, издржавме. Дури и во моментите кога лекарите се откажаа и не посоветуваа да се свртиме кон алтернативната медицина, од која исто не видовме арно. За среќа, цел месец пред Велигден, Лора не примаше лекарства, бидејќи по препорака на стручњаците требаше да се исчисти од сите силни медикаменти што претходно ги примаше. Кога после молитвата ја видовме насмеана, а не онесвестена од болките за кои не постоеше лек за да се намалат ние тројца, татко и, брат и јас не бевме свесни што се случува. Дури следниот ден отец Дамаскин ни рече дека верата во Бога ја излекува. И оттогаш е се во ред, се присетува Олга напати со растреперен глас, напати со солзи во очите.

Со месеци, од одделение на одделение, од врата до врата

Голготата на Лора започнала на 28 јануари, на самиот Празник на Свети Гаврил Лесновски, кога поради необјаснив напад на кашлица била однесена со возило на Брза помош на Детска клиника во Скопје, каде што терапијата што и била дадена воопшто не дејствувала. Го изгубила апетитот, а набрзо потоа добила силни болки и воспаление во зглобовите на прстите на левото стапало, при што три прсти се искривија.

– Беа тоа тешки и долги месеци во кои одевме по државни и приватни болници. Дијагноза – немаше. Болките во трите прсти на стапалото од самиот почеток беа неподносливи и не се смируваа со ниту еден лек препорачан од познати и искусни доктори, професори… Со месеци, од одделение на одделение, од врата до врата… Која е дијагнозата? Со каква терапија ќе се лекуваат болките во ногата и несвестиците, кои по примањето на имуноглобулините беа многу, многу чести…

Мајката Олга: Занемевме…Се плашевме да не е сон!

Мајката Олга ја раскажува оваа вистинска приказна, како што вели, за Слава на Бога, а за надеж за спасение на оние на кои им е потребна помош.

„Долги години наназад со семејството го посетуваме манастирот Свети Гаврил Лесновски, се познававме и со отецот, но пред Велигден решивме да отидеме со детето. И покрај големата посетеност на манастирот и големата ангажираност на отец Дамаскин со посетителите, решивме да му ја раскажеме нашата мака. Отецот не охрабруваше да не се плашиме, укажувајќи ни дека проблемот и болеста на Лора се од сосема друга, духовна природа. Ни рече да отидеме со него во манастирот. Таму тој ѝ прочита молитва и ја помаза со масло од кандилото на гробот на епископот Гаврил Светогорец. Додека траеше молитвата очекувавме дека ќе се онесвести, бидејќи со месеци наназад не издржала толку време да не добие напад. Но, тоа не се случи. Отецот имаше голема вера дека со девојчето се ќе биде во ред. Кога заврши молитвата, ќерка ни се исправи пред нас и ни рече: „Мамо, јас сум иста како порано! Повеќе не ве гледам матно! Ве гледам како порано!” Отецот одеше напред, а детето по него… Само… првпат после толку месеци не побара наша помош! Излеговме од манастирот, а таа сама продолжи по отецот кој одеше пред неа. Ја одведе во продавницата за свеќи и икони. И даде крст кој го носи на вратот до денес. И кажуваше што треба понатаму да прави. Ние уште не го осознававме чудото што ни се случи. Се поздравивме со отецот. Детето отиде само до колата која беше паркирана на манастирскиот паркинг. Кога седна во колата започна да ја одврзува патиката. Сакаше да се собуе и да го тргне ортопедското помагало од ногата. Ние во еден глас и рековме дека иако се почувствувала подобро, не треба да брза да го тргне помагалото, но таа не не слушаше што и зборуваме. Моментот на вистинското изненадување за нас беше кога таа ни ја покажа ногата. Прстите кои со месеци беа искривени и згрчени во страшна болка, беа исправени! Болката ја немаше! Занемевме… Се плашев да не се разбудам. Да не е сон. Се свртевме кон манастирот. Низ солзи му заблагодаривме на Господ за чудото што ни се случи. За милоста што на тој Велик ден Господ ја истури врз нас… Заврна… Ни требаше време да се соземеме и да си појдеме. По патот сите молчевме. Само ќерка ми брзаше да се слушне со другарките и да закаже излегување во град…

Чудата кои се случиле по молитвите на св. Гаврил Светогорец се неброени

А отец Дамаскин, духовник како од светогорските раскази, додека разговаравме со двете женички, мудро молчеше. Се вклучуваше само во деловите од приказната кога требаше да се потврди силата на молитвата, на вербата во Бога и волјата за спасение. Честопати цитирајќи го светогорскиот старец Пајсиј.
Ни откри дека оваа приказна за исцелувањето на Лора привлекол огромен број посетители во древниот манастир. Доаѓале огромен број верници од цела Македонија, но и од соседните држави да побараат лек за својата болест.

– Голем број од нив се брачни двојки кои немаат свој пород, но и болни од други болести. Она што сакам да го нагласам е фактот дека ништо на овој свет не лекува како верата во Бога. И тука нема други мистерии. Лек има за секој оној кој доаѓа со искрено покајание, со чисто срце, со молитва и со силна вера во Бога. Бог ја допушта болеста за да не вразуми, да не одврати од лошиот пат, да не смири и да не приближи повторно кон него, и да не врати повторно во крилото на црквата, на вистинскиот пат на спасението. Бог ни ги услишува молитвите само тогаш кога ние имаме одлучна и цврста намера да го поправиме својот грешен живот, вели мудро отец Дамаскин.

Ни откри дека чудата кои се случиле преку молитвите на Светиот Гаврил Лесновски, се неброени, иако случајот со Лора никого не остава рамнодушен.
Една од нив е спасението на плодот на трудна жена на која после прегледот на ехо, гинекологот и рекол дека плодот е мртов и дека треба веднаш да се направи абортус. Но, наместо тоа жената, дошла на молитва во Лесновскиот манастир после која плодот продолжил нормално да се развива. Таа е сега среќна мајка, завршува отецот.

Ја предвидел и својата смрт

Св. Гаврил Светогорец, епископ Велички, на 28 мај 2017 година, во Манастирот во Лесново беше прогласен за светител. Живеел аскетски живот во буквална смисла на зборот, а ја предвидел и сопствената смрт. Има и неколку чуда за кои сведоштвата од луѓето на кои им се имаат случено ги собираше монашкото братство од Лесновскиот манастир.

Свети Гаврил голем дел од животот го поминал и во пештерските ќелии во близина на манастирот во Лесново, каде што аскетски живеел и неговиот истоименик пред 1.000 години, Свети Гаврил Лесновски. Денеска тие двајца закрилници и молитвени застапници за сите што го посетуваат манастирот.
„Меѓу чудата кои се прераскажуваат е и она за едно дете, по име Ѓорѓи, од некое струмичко село. Бидејќи не можело да зборува, неговите родители честопати го носеле кај отец Гаврил да се моли за него. Еднаш, кога го однеле кај него за време на вечерната служба, тој го однел детето во храмот и му прочитал молитви. Наредниот ден отец Гаврил служел Света литургија и за целото време се молел за детето. Откако тоа се причестило и откако завршила Литургијата, детето ги подигнало рацете нагоре и рекло: „Мамо!” Сите присутни во храмот се израдувале и зачудиле, и му оддале слава на Бога, Кој прави чуда преку своите служители.

За друго чудо за кое се зборува е она за семејството кое со трчање во паника дошло кај Отец Гаврил. Имале несреќа со автомобил што удрил во нивниот син. Тогаш отец Гаврил влегол во храмот, веднаш започнал да се моли и доста време не излегол. Кога излегол им рекол: „Одете, детето ќе биде дома здраво и живо. И немојте да работите во недела. Внимавајте на неделата и богослужбата, им одговорил отецот.”

Манастирот потекнува од 9 век

Познатиот Лесновски манастир се наоѓа на југозападните падини на планината Осогово на надморска височина од околу 870 метри во селото Лесново. Зазема значајно место во македонската црковна, национална и културна историја. Уште од самото свое основање, големата „Лесновска лавра” со своите многубројни параклиси, скитови, испосници и мноштво монаси станала една од најголемите монашки населби на Балканот во која живееле над 200 монаси.
Според најстарото пролошко житие на Св. Гаврил Лесновски, коешто го напишал Станислав Граматик во 1330 година, се знае дека манастирот потекнува од 9 век кога по Божја милост преподобниот Гаврил Лесновски се населил во Лесновската гора и го основал манастирот посветувајќи го на Свети Архангел Михаил. Свети Гаврил е еден од четворицата македонски пустиножители заедно со Свети Јован Рилски, Свети Јоаким Осоговски и Свети Прохор Пчињски, кои се сметаат за зачетници на еремитското монаштво во Македонија.
Денес во манастирот има осум монаси кои имаат активен монашки живот и се грижат за беспрекорниот изглед на манастирскиот комплекс.

(Случајот е објавен во 2018 година)