Сашо СТАМЕНКОВИЌ
Иако никој точно не знае кога се првите почетоци на користење на сапунот, постојат повеќе леденди околу неговото појавување.
Според една римска античка легенда, сапунот е наречен по планината Сапо (Mount Sapo), прастаро место за жртвување на животните. По жртвувањето, дождот ќе ги измиел животинските масла и пепел, кои се собирале под церемонијалните олтари надолу во реката Тибер.
Жените кои ги миеле своите алишта во реката забележале дека доколку ги перат алиштата во одредени делови на реката после обилен дожд нивните алишта биле многу почисти. Со текот на времето сфатиле дека тоа се делови на реката каде водата нанела од животинските масти и пепелта и така настанало првото користење на сапунот.
Вон легендите, тоа што е факт е дека, на едно археолошко наоѓалиште во Вавилон откриено е користење на сапун во 2800 година п.н.е.
Тие го правеле сапунот од животински масла и пепел. Сапунот се користел за перење на волната и памукот кои се користеле за изработка на текстил, а медицински се користел преку 5000 години.
На Еберс папирусот (Египет 1550 година п.н.е) се открива дека старите Египќани мешале животински и растителни масла со алкални соли за да произведат сапун.
Според Плиниј Постариот (римски филозоф) старите Фениќани користеле козја маст и пепел за производство на сапун во 600 година п.н.е.
Старите Келти исто така правеле сапун од животински масти и пепел и го нарекле „саипо“ (saipo).
Сапунот го користеле сите стари народи, но пред се за дезинфекција на садови за јадење и перење на текстил.
Мојсеј им дал на Израелците детални упатства како да одржуваат лична хигиена. Библиските списи укажуваат дека Израелците знаеле дека со мешање на животински масти и пепел се создава некаков гел со кој може да се мие косата.
Грчкиот лекар Гален во вториот век го препорачува сапунот за хигиенски цели, односно за бањање и чистење.
Хигиенските навики опаѓаат со распаѓањето на Римската империја (467 година) и се верува дека тој недостаток и живеење во лоши животни услови придонел за појава на многу зарази низ Европа во подоцнежните векови.
Првите производители на природни сапуни какви ги познаваме денес се појавуваат во седмиот век во Шпанија, каде сапунот се правел со масти од коза и пепел од бука. Во исто време Французите започнуваат да прават сапуни со маслиново масло. Марсејскиот сапун каков што го познаваме денес се прави повеќе од 6 векови во јужна Франција. Рецептурата е првпат откриена во 1688 година за време на владеењето на Луј XIV. Тогаш во сапуните почнуваат да се ставаат и разни ароми и почнува производство на сапуни за бањање, бричење, шампони и сапуни за перење алишта. Постои приказна дека Луј XIV има обезглавено тројца производители на сапуни бидејќи направиле сапун кој ја иритирал неговата нежна кралевска кожа.
Во 19 век Луј Пастер инсистирал на тоа дека одржувањето на личната хигиена со сапун ќе ја намали можноста за ширење на зарази и епидемии.
Најголемото откритие во производството на сапуните го направил францускиот хемичар Николас Лебланк кој успеал обичната сол (натриум хлорид) да ја претвори во алкална супстанца наречена жива сода.
Најголемиот проблем во изработка на сапуните била да се одреди цврстината на содата. Многу производители ставале јајце или мал кромпир на површина и ако јајцето пловело на површина до половина смесата била добра. Исто така некои производители ставеле перце од гуска и ако перцето почнувало да се распаѓа, содата била добра.
Дури за време на Првата светска војна доаѓа до употреба на комерцијалниот сапун каков што го познаваме денес. Повредите во војната барале зголемена употреба на агенти за чистење. Но бидејќи имало недостаток на состојките за правење на природен сапун, германските научници направиле нови форми на хемиски сапуни и така се родени детергентите.
Повеќето денешни комерцијални сапуни се во основа детергенти направени во голема мера од состојки на база на петролеум. Оттогаш овие “сапуни” се детергенти и е забрането користење на терминот сапун за овие продукти. Оттогаш постои јасна дистинкција дека само продукт направен од растителни или животински масла и сода може да се третира како сапун. Се останато спаѓа во група на детергенти.
Комерцијалните производители на сапуни откриле дека може да го извадат природниот глицерин кој се наоѓа во природните сапуни и да го продаваат по многу повисока цена на козметичкиот пазар како освежувачи или креми, откако нивните “сапуни” без глицерин ќе ја исушат вашата кожа. Вадењето на глицеринот од сапунот допринело сапуните да имаат многу подолг век на траење.
Денес веќе постои општа свесност на можните негативни последици од синтетичките додатоци и хемикалии во индустриските сапуни. Едуцираните и информираните потрошувачи се повеќе се свртуваат кон користење на природни сапуни и козметика. Дури и големите индустриски компании во маркетингот го нагласуваат присуството на “природните состојки”.
Треба да се биде внимателен! Додавањето на неколку природни состојки во сапунот не го прави сапунот природен. Хемиската изработка не дозволува присуство на дополнителни природни состојки во сапуните повеќе од 3 отсто. Но големите компании не се обврзани да го потенцираат овој податок, напротив, содржината се нагласува без обемот на состојките и тоа доведува до забуна.
Генерално правило е дека кога не можете лесно да ги изговорите состојките на лабелата со составот од сапунот, тогаш е тој хемиски сапун. Во него најчесто се наоѓаат парфеми, вештачки бои, парабени и др.
Во ФЕДОР, како и кај други производители на природни сапуни, сапуните се правате рачно, во мали контролирани количини по природен пат, исклучиво со ладно цедени растителни масла како кокосово масло, маслиново масло, јојоба, шеа путер и други. Покрај растителни масла се става и козјо млеко и сода која е неопходна за добивање на сапунски молекули во сапунот и не е воопшто присутна во финалниот природен сапун.
Точно се утврдуваат количините на состојките и со помош на веќе утврдени компјутерски калкулации се одредуваат коректните пропорции на маслата и содата. Точноста е во половина грам и како резултат се добива прекрасен 100 отсто природен продукт, нежен за нашата кожа, внимателно направен сапун од селектирани масла. Во нив останува природниот глицерин кој е нус продукт на природното спојување на маслата и содата. Сите сапуни се тестирани во Институтот за Јавно здравје на РМ.