За повеќето од нас летните одмори завршија, а меѓу спомените се нашите односи со другите луѓе и специфичните навики и потреби кои ги имал секој од нив, од тргнувањето на пат, па сè до уживањето на плажа и лудувањето на вечерните журки. Да замислиме дека сите 12 знаци се во автобус и тргнуваат заедно на летен одмор. Еве како би изгледало тоа…
По пат
Овенот се нервира што возилото не оди побрзо, а Девицата заради трошките кои ги направи Скорпијата која скришум го изеде сендвичот за никој да не ѝ побара гриз. Стрелецот ставил очила за сонце, ги собул апостолките и нозете ги качил на седиштето пред него. Тоа го вознемирува Ракот и го доведува до солзи.
Близнакот веќе промени неколку статуси на Фејсбук: „Одимееее!“, „Тргнавмееее!“, „Пристигнувамеее!“, „Супер се забавуваме“, „Еве Скорпијата јаде, Ракот плаче, Овенот ми иде на нерви…“ Вагата внимава да не се истутка и љубезно го моли Бикот да се тргне подалеку од неа со чоколадото и сокот бидејќи може да ѝ ги извалка бермудите.
Лавот низ прозор им мавта на сите кои ќе ги види на минување бидејќи е сигурен дека сите во него гледаат. Јарецот ги пребројува парите и пресметува по колку во просек ќе може да троши на ден. Водолијата ја испробува маската за нуркање, а Рибата го преспива патот.
На местото
„Фала му на Бога, стигнавме“, го става Близнакот новиот статус на Фејсбук. Водолијата веднаш стиска лајк. Овенот е веќе во море. Скорпијата сосе торба влезе во купатилото и таму е веќе некое време заради што Вагата плаче пред врата бидејќи мора под итно да се пресоблече и да си ја поправи фризурата. Девицата има нервен слом бидејќи во апартманот е тотален неред и никој не ги средува стварите.
Стрелецот замина на обиколка на местото, Бикот отиде по риба за на скара, а Ракот прави супа за сите. Јарецот уште еднаш си ги пребројува парите и се ценка со газдата на апартманот. Лавот е на тераса и им позира на минувачите. Рибата само што се разбуди и размислува за смислата на животот.
На плажа
„Јухуууу, еве нè на плажа“, објавува Близнакот нов статус со фотка на Фејсбук, Инстаграм и Твитер. На сликата ја има Девицата која не се гледа добро од шеширот со обод од метар и пол, додека во раката држи крема со заштитен фактор 50. Ракот е замотан во пешкир со ликови од цртаните филмови.
Вагата има костим за капење во вредност на еден половен автомобил. Лавот си ја покажува совршената фигура, Рибата не се гледа од сопствениот фотоапарат, а Стрелецот на Лавот и Вагата им држи рогови со два прста. Скорпијата свртела грб и забранила тагирање на Фејбук.
Водолијата се слика со опремата за нуркање, Јарецот ги вади трите книги од торба, додека Бикот веќе ужива во сладоледот. Овенот го нема на сликите, отпливал 200 метри.
На вечерната забава
„Party Night“, твита Близнакот, овој пат без слика, бидејќи сите се поцрвенети од сонцето, освен Девицата. Бикот ја распалува скарата, а Лавот тврди дека тој знае како тоа се прави. Стрелецот ги викна сите комшии на журката, а на Скорпијата тоа не ѝ се допаѓа, па се мурти настрана.
Ракот на сите им подава чинија и им служи овошје. Вагата е во својот вечерен аутфит и ја наговара Рибата да ја слика во сите пози. Водолијата предлага утре сите да одат на курс по нуркање или на подводен риболов, но Јарецот на таблетот пресметува дали тоа би било исплатливо. Овенот пак го нема, заминал на ноќно капење.